Вајгл за МИА: Ако не успее референдумот, се плашам дека е последна шанса

  Во разговор со МИА европратеникот и известувач за Македонија во Европарламентот, Иво Вајгл, го критикува “негативниот став“ на опозицијата кон решението за спорот за името и вели дека стравува оти овој референдум може да е “последна шанса“.

– Мислам дека сега е момент кога сите треба да застанат на иста страна, на страна на долгорочниот интерес на Македонија. Затоа што тешко е да се поверува дека некогаш повторно ќе се укаже така поволна прилика и дека ќе добие поддршка од сите меѓународни фактори за влез на Македонија во ЕУ и НАТО. Ако не успее овојпат се плашам дека е ова последна шанса, истакнува Вајгл.

Вајгл вели дека нејасниот став на ВМРО-ДПМНЕ всушност крие желба за неуспех на референдумот.

– Што се однесува на другата страна, оние кои се против Договорот, мислам дека има доста нетранспарентни ставови, доста политички игри има во тоа. Го читав последното соопштение на ВМРО-ДПМНЕ. За разлика од ЕПП, чии членови се и тие, ВМРО-ДПМНЕ и натаму инсистира на негативен став и мислам дека тоа, за перпсективата и улогата на ВМРО во македонската политика не е добро, посочува европратеникот.

Известувачот за Македонија ги отфрла и аргументите според кои етничките разлики во ставовите кон референдумот претставуваат некаква опасност за државата и оценува дека етничките односи во земјата се “позитивни како што можеби и никогаш не биле“. Тој додаде дека гласањето на 30 септември не е етничко гласање, туку гласање за иднината на државата. Вајгл, исто така, ги отфрла аргументите според кои Договорот не носи гаранции за старт на преговорите со ЕУ, доколку бидат исполнети другите услови.

– Македонија ги има сите гаранции и расположението во ЕУ е такво, и тоа се виде вчера во расправата за состојбата на ЕУ, дека вклучувањето на сите земји од југоисточна Европа во ЕУ е перспектива на целата Европа. Не треба да има сомнеж во тие обврски. Тие обврски ќе бидат исполнети и Македонија ќе ги започне преговорите со ЕУ идното лето, порачува европратеникот и известувач за Македонија во ЕП Иво Вајгл.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *