Рецитал на пијанистот Дино Имери во Македонската филхармонија

Во Камерната сала на Македонската филхармонија вечер од 20 часот рецитал ќе одржи пијанист Дино Имери. Концертот е поделен во два дела – во првиот ќе биде изведена Сонатата во х-мол од Франц Лист, а во вториот дел Сонатата бр. 2 од Сергеј Рахмањинов.

Дино Имери (1990) се смета за еден од најреномираните македонски пијанисти на новата генерација класични музичари. Образованието го стекнал работејќи со проф. Људмила Романова и проф. Борис Романов, во чија класа и дипломираше на Факултетот за музичка уметност во Скопје, како и со проф. Симон Трпчески, во чија класа магистрираше на 22-годишна возраст со просек 10 и со почести со Cum Laude.

Во својата досегашна дејност, Имери имал многубројни настапи во Македонија, но и на голем број фестивали во странство. Се вбројува во десетте најдобри европски пијанисти според ранг-листата на Третиот европски пијано-натпревар одржан во Нормандија, Франција.

Во 2010 година потпиша двегодишен договор со Европската пијано-програма – проект што му ги отвори интернационалните сцени во Франција, Австрија, Полска… Во 2013 година го издаде своето прво ДВД-издание со музика од Хајдн, Бетовен, Лист и Брамс, во соработка со оркестарот „Фејмс“ за снимање филмска музика.

Дино Имери соработува и со Македонската филхармонија, меѓу кои беше и настапот на свечениот концерт за отворање на сезоната годинава, на кој младиот пијанист го изведе Концертот бр.1 за пијано и оркестар од Петар И. Чајковски