Претседателот на Здружението на Новинари на Македонија (ЗНМ), Насер Селмани и ректорот на универзитетот „Гоце Делчев“-Штип, Блажо Боев денеска потпишаа меморандум за соработка.
Селмани вели дека ова е прв ваков меморандум кои како ЗНМ го потпишуваат со една високообразовна институции. Тој истакна дека има повеќе можности за соработка меѓу ЗНМ и УГД-Штип и само преку отворена соработка може да се подобрат состојбите во новинарството.
– Соработката ќе биде од сите сфери на обуки, подобрување на условите на студентите овде. Обуките кои што ние ги организираме во Скопје да можат студентите од штипскиот универзитет да присуствуваат на нив. Ние да дојдеме со разни предавања, на некој начин на студентите по новинарство да им ги доближиме оние најдобрите искуства што постојат во светот, вели Селмани.
Ректорот на УГД-Штип, Боев истакна дека идната соработка со ЗНМ е значајна за студентите по новинарство, кои можат да научат многу од страна на новинарската фела и обуките кои ги прави ЗНМ.
– Мислам дека е права прилика да УГД-Штип покаже дека е отворен универзитет, во поглед на пристапот на новинарите е секогаш отворен за креативности и за она што значи правилно известување на граѓаните. Сметам дека со ваквата соработка со професионалните асоцијации во новинарството во секој случај ќе го подигниме нивото на нашата студиска програма и на она што студентите треба да го добијат од таа студентска програма, вели Боев.