Заев од Ресен: Референдумот не е борба за власт, туку борба за севкупен раст

Претседателот на Владата, Зоран Заев вечерва на трибината во Ресен повторно ја повика опозициската ВМРО – ДПМНЕ како и оние што сеуште не одлучиле да излезат на 30 септември да го поддржат референдумот за влез на Македонија во Европската унија и НАТО.

– Ако сте за ЕУ и НАТО излезете на референдумот, придружете се. Ние може да не се согласуваме на економски план, на планот на реформите, транспарентноста, корупцијата и криминалот, но должност ни е да застанеме заедно зад Република Македонија, затоа што тоа е наша татковинска обрвска на сите, рече Заев пред ресенчани.

Тој ги повика сите граѓани да гласаат за европска Македонија, подвлекувајќи дека пред нас е сериозна одговорност и треба да донесеме вистински одлуки.

– На 30 септември да станеме и да излеземе на гласачките места да изгласаме „За“ европска Македонија, да се вратиме дома, да знаеме дека сме донеле вистинска одлука за нашите деца, за нашата иднина, за Република Македонија, рече Заев.

Додаде дека од осамостојувањето на Македонија, аспирации на сите во државата биле интеграцијата во НАТО и Европската унија и оти нема друга алтернатива. – Иако огромно мнозинство е „За“, сепак мора да се постигне цензусот, да му покажаме на целиот пријателски свет, на која страна стојат граѓаните на Македонија, истакна Заев.

Говорејќи за договорот од Преспа, Заев рече дека тој е постигнат на најтранспарентен начин и оти се направени компромиси со грчката страна, но придобивките се огромни.

Според него, малдите може да се задржат во државата само ако се интегрираме во НАТО и ЕУ. – Европската унија годишно финансира 90 милиони евра неповратни средства. ЕУ и НАТО значат раст и развој на РМ. Референдумот не е борба за власт, туку борба за севкупен раст, раст на економијата, квалитетот на образованието, здравството, туризамот, земјоделството, како и раст на среќата во очите на нашите граѓани, подвлече Заев.

Тој најави дека во текот на септември во Преспа ќе почне голем проект за соработка на општините во Македонија, Албанија и Грција.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *