Собранието ќе избира директор на ОТА

Собранието на Република Македонија денеска треба да избере директор на Оперативно-техничката агенција-ОТА.

Предлогот Зоран Ангеловски да биде директор на ОТА во средата беше изгласан од Комисијата за прашања на изборите и именувањата, откако владејачките партии постигнаа договор од 14-те кандидати.

Собранието денеска треба да го финализира неговиот избор со двотретинско мнозинство.

На дневен ред на 59. седница, која ќе биде последна пред одржувањето на референдумот на 30 септември, е и Предлог на законот за дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги,по скратена постапка, поднесен од Лилјана Затуроска, Диме Велковски и Артан Груби, за кој исто така имаше несогласувања помеѓу владејачките партии и опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Пратениците ќе треба да гласаат и за дополнувањето на Законот за реализација на инфраструктурни проекти за изградба на патна делница Миладиновци – Штип и патна делница Кичево – Охрид, по скратена постапка, за измените и дополнувањата на Законот за просторно и урбанистичко планирање и на Законот за градење, двата по скратена постапка, двата поднесени од пратеници на владејачкото мнозинство.

Се очекува дека на седницата да бидат ставени и други точки.

Седници денеска ќе одржат и Комисијата за труд и социјална политика, на чиј дневен ред се измените и дополнувањата на Законот за заштита на децата и измените на Законот за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизацијата на претпријатијата со доминантна сопственост на државата, двата во второ читање, и Законодавно-правната комисија.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *