Курц: Гласајте „за“ договорот и „за“ европска перспектива на Македонија

Решавањето на прашањето за името е голема шанса за динамика на Македонија и на целиот регион. Го поздравувам постигнатиот компромис и ги повикувам граѓаните да учествуваат на претстојниот референдум и да гласаат „за“ договорот и „за“ европската перспектива на Македонија, истакна австрискиот канцелар Себастијан Курц на заедничката прес-конференција со македонскиот премиер Зоран Заев.

– Тоа е одлука на секој поединец и навистина не е мое да ја направам одлуката за некој друг, но како пријател на Македонија и како активна земја членка на ЕУ ние ќе сметаме дека би било многу позитивно доколку има големо учество и позитивен исход на референдумот, изјави Курц, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ.

На новинарско прашање каква е неговата порака до опозициската ВМРО-ДПМНЕ со која се сестрински партии во ЕПП, Курц рече дека е сосема иста како онаа што ја испратил до премиерот и до граѓаните – важно е Македонија и балканските држави да имаат европска перспектива и да ја искористат, а дел од тоа е и решавањето на прашањето за името.

Австрија, потенцира австрискиот канцелар, е голем пријател на цел регион и на Македонија.

– Не само што имаме економска соработка, туку и силно човечко пријателство и заедничка историја, туку би сакале и да имаме и заедничка иднина. Тоа значи дека ние го делиме мислењето дека сите држави од Западен Балкан имаат место во Европската унија. Таа ќе биде комплетна дури тогаш кога во неа ќе биде интегриран Западниот Балкан, рече Курц.

Премиерот Заев истакна дека посетата на неговиот австриски колега е силна порака и поттик за Македонија во пресрет на референдумот на кој, како што рече, граѓаните ќе ја изберат иднината, ќе го дадат својот глас за одобрување на договорот со Грција со кој се гарантира местото на Македонија во ЕУ.

– Вашата поддршка да станеме дел од семејствата кои ни ја гарантираат нашата стабилност и сигурна иднина се од непроценлива важност за нас. На таа поддршка гледаме и како признание на нашата посветена работа. Остануваме посветени и подготвени да останеме позитивен пример во регионот и во светот кои знам дека тоа го ценат. Таа е огромен поттик за нас е што светот ја препозна РМ како нова голема надеж за регионот и Европа, истакна македонскиот премиер.

Тој не верува дека може да се случи договорот да не помине во Грција, и оти и таму како и овде рабоптата ќе биде завршена.

– Јас верувам дека секоја од нас двете земји пријатели ќе ја завршат својата работа, иако кај нас граѓаните го помагаат процесот на завршување на работата преку успешен референдум, на што целосно се надеваме и сме целосно уверени. Истовремено, му верувам на премиерот Алексис Ципрас и на министерот за надворешни работи Никос Коѕијас дека навистина грчкиот Парламент после процесот во Македонија ќе гласа, рече Заев.

Тој додаде дека оптимизмот го темели и на неговото убедување оти огромно мнозинство од граѓаните во Грција веруваат дека ова е добра работа за Грција, за регионот и целата Европска унија.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *