Улицата кај Градски стадион ќе го носи името на норвешкиот дипломат Столтенберг

Улицата што ги поврзува Градскиот парк, Градскиот стадион и кејот на реката Вардар ќе го носи името “Улица Столтенбергова”, в о чест на норвешкиот дипломат Торвалд Столтенберг, во знак на благодарност од Град Скопје и на скопјани за несебичната негова помош по катастрофалниот скопски земјотрес од 1963 година.

Ова беше соопштено на денешната свеченост по овој повод, а на која присуствуваа градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

– Во годината кога ја одбележуваме 55-годишнината од катастрофалниот скопски земјотрес, се збогувавме и со големиот пријател и почесен граѓанин на Скопје, Торвалд Столтенберг. Неговите заслуги во обновата на Скопје по катастрофалниот земјотрес од 1963 се огромни. Скопјани го паметат по изградбата на детската болница во Козле, што е донација на кралствата Норвешка и Шведска, изградбата на норвешките бараки во Тафталиџе, како и координацијата на помошта на норвешкиот Црвен крст што пристигала во првите денови по земјотресот,  рече градоначалникот Шилегов, на откривањето на таблата на улицата Столтенбергова.

Торвалд Столтенберг, нагласи Шилегов, направи многу за Скопје и за граѓаните на овој град, но она што го остави зад себе овој голем човек се мостовите на пријателство меѓу Македонија и Норвешка, изградени од солидарност и хуманост.  Скопје, потенцира, секогаш ќе се сеќава на тие што му помогнале во неговите најтешки времиња.

– Токму затоа, оваа табла му ја подарувам на Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, за да знае дека тоа што го направи неговиот татко за овој град, никогаш нема да биде заборавено, нагласи Шилегов.

Генералниот секретар Столтенберг се заблагодари на градоначалникот Шилегов за оваа иницијатива и искажа задоволство што Скопје и неговите жители ги паметат напорите на неговиот татко во обновата на пост-земјотресно Скопје.

– Скопје имаше посебно место во срцето на татко ми, поради блискоста со градот по катастрофалниот земјотрес од 1963 година. Тој беше почестен од неговото прогласување за почесен граѓанин на Скопје и сигурен сум дека ќе му претставуваше голема чест што улица во Скопје ќе биде именувана по него, истакна Столтенберг.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *