Сера: Сигурен сум дека ќе станете полноправна членка на ЕУ

Датумот е тешко да се предвиди, но сигурен сум дека Република Македонија или Република Северна Македонија ќе стане полноправна членка на ЕУ. Важно е да се зајакне административниот капацитет, но и да се усогласи законодавството во земјата со европската легислатива.

Ова денеска го истакна амбасадорот на Кралството Шпанија во Македонија Емилио Лоренцо Сера на завршниот настан од твининг проектот финасиран од ЕУ за зајакнување на директивите за отпад и за посебни видови на отпад (пакување, батерии и отпад од електрична и електронска опрема).

Сера рече дека управувањето со отпад е прашање од суштинска важност и додаде оти рециклирањето и циркуларната економија нудат исклучутелно важни можности за отворање нови работни места.

Вирве Импари од Делегацијата на ЕУ истакна дека политичарите размислуваат за следните избори, а државниците размислуваат за следните генерации.

Заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули информира дека досега во Македонија постоеле колективни постапувачи кои се однесувале само на пластика, хартија и на батерии. Го прошируваат тој опсег и влегуваат отпадното масло, гумите, каросериите од автомобилите и текстилот.

– Типичен е примерот со отпадот од текстил, наместо како што досега се закопувал во депонијата на „Исар“ во Штип или во Дрисла, сега тој може согласно законот, се воспоставува законска рамка, и може да се обработува. Да постои колективен постапувач кој би го собрал од компаниите кои работат и да го донесе во некој центар во кој тој повторно ќе биде искористен како ресурс во процесот на производство, рече Макрадули. Додаде дека за тоа е подготвена компанијата Цементарница УСЈЕ АД Скопје.

Тој информира дека со измена на седум закони, подзаконски акти, правилници и стратегии Македонија стопроцентно го хармонизира законодавството во делот на отпадот со европските стандарди.

Макрадули појасни дека компаниите и деловната заедница треба да сфатат дека за отпадот кој се генерира треба да плаќаат. Според нивните податоци, од околу 70 илјади компании во Македонија само околу 1.700 плаќаат во компаниите кои се колективни постапувачи.

Одговарајќи на новинарско прашање за регионалните депонии во Тетово и во Струга, Макрадули рече дека пред две недели бил во Струга и додаде оти таму сликата е поразлична од минатата година.

– Има и различно менаџирање со отпадот, посредено е, има вложување каде се гради еден дел кој би требало да го балира отпадот, рече Макрадули.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *