Заев позитивно решение за односите Косово и Србија, Вучиќ добро е кога соседите ги решаваат проблемите

Македонија поддржува позитивно решение со кое ќе се обезбеди просперитет и траен мир во регионот, рече премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарско прашање каков е ставот на Македонија за односите помеѓу Србија и Косово при денешната средба со српскиот претседател Александар Вучиќ на граничниот премин Прешево-Табановце.

– Македонија поддржува позитивно решение за Косово, решение кое што ќе ја унапреди благосостојбата и на Србите и на Албанците и на сите граѓани кои што живеат во Косово и ќе ја гарантира и безбедноста, мирот и просперитетот и на Србија и на Косово и на целиот овој наш регион, рече Заев.

Значајно е, додаде, сите лидери од регионот да бидат обединети околу заедничките цели, а тоа се траен мир, регионална соработка, економски развој и членство во ЕУ.

Претседателот Вучиќ најавија дека на пријателски и разумен начин ќе разговараат со премиерот Заев за сите прашања, за економската и билатералната соработка, за Србите во Македонија и Македонците во Србија. Уште еднаш ја повтори важноста и бенефициите кои ќе ги имаат земјите од проектот за заедничкото гранично управување.

– И за односите Белград Приштина ќе го запознам премиерот Заев во кој стадиум се наоѓаме и што е тоа што ни се чини дека треба да направиме во иднина, рече Вучиќ.

Одговарајќи на новинарски прашања каков е неговиот став за прашање на референдумот и дали ќе го повика срспкото малцинство да учествува на референдумот во Македонија, претседателот Вучиќ истакна дека не сака да се меша во внатрешни прашања на другите земји, но дека  е позитивно што соседите и пријателите ги решаваат своите проблеми.

– Ќе повторам не сакаме да се мешаме во внатрешни работи на други земји, но секогаш позитивно ќе реагираме ако нашите пријатели и ако нашите соседи се договараат и ако ги решаваат проблемите. Тоа се работи за кои со сигурност можеме да кажеме дека нема да имаме против и во однос на тоа дали сме ние задоволни и дали се радуваме, затоа што Скопје и Атина ќе ги решат своите проблеми.Сосема сигурно е дека тоа е добра вест и за Белград и за Србија, рече претседателот Вучиќ.

Тој посочи дека нема право некого да повикува или да не повикува да учествува на референдумот, истакнувајќи дека тоа не е фер и е директно мешање во внатрешни работи на друга држава.

– Ја почитувам Македонија и тоа нема да го правам. Но, мислам дека решавањето на конфликтот меѓу Скопје и Атина придонесува за регионалната стабилност и е од значење и важност за целиот регион. Уверен сум дека тоа луѓето ќе го поздрават, рече Вучиќ.

Потенцира дека е благодарен на ставот на премиерот Заев во врска со нивните разговори со Приштина, поради, како што рече, целта – стабилност и мир за сите, соработка и постигнување долгорочно решение.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *