Отворен модерен спелеолошки тренинг центар во Гостивар

Гостивар доби модерен спелеолошки тренинг центар, во кој млади спелеолози ќе можат да ги истражуваат, мониторираат и зачувуваат пештерските убавини во овој крај.

Тренинг центарот е дел од проектот „Зајакнување на локалните капацитети за истражување и конзервација на природното наследство на пештерата Убавица“, еден од вкупно 25 грантови од Програмата за зајакнување на управувањето со заштитените подрачја, финансирана од Европската унија и од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).

Во првата фаза на проектот се извршени градежни работи за реконструкција и санација на просториите на Општина Гостивар во село Вруток, по што беше објавен оглас за следење на обука за спелеолошко истражување. Заинтересирани кандидати, следеа интензивна обука практични вежби и предавања за истражување на ендемични видови, био-спелеолошко и геолошко истражување како и 3Д ласерско топографско снимање на пештерата Убавица, која се наоѓа во планините над Гостивар во околината на село Ѓоновица.

За спроведување на обуката на локалните спелеолози, имплементаторите на проектот, Спелеолошкиот клуб Кораби и општина Гостивар, поканија светски познати истражувачи од Италија од здружението Персефоне.

– Веруваме дека овој проект ќе помогне да се обучат многу млади спелеолози и истражувачи. Земјата изобилува со спелеолошки предизвици, богат биодиверзитет и ние сме среќни што ќе помогнеме тие млади луѓе да се стекнат со вештини, но и научни сознанија за нови спелеолошки истражувања, изјави Иларија Вакарели, шеф на италијанскиот тим спелеолози, професор на Универзитетот во Акуила.

Според Методија Саздов, раководител на проектот од УНДП, овој проект треба да обезбеди подобрување на локалните капацитети во управувањето со заштитените подрачја.

– Пештерата Убавица е вистинска реткост на овие простори и преку современ мониторинг, спелеолошки истражувања, ќе се обидеме да го зачуваме она што природата го подарила и да го заштитиме богатиот биодиверзитет во заштитените подрачја, рече Саздов.

Како што се посочува во соопштението од УНДП, првиот дел од практичните вежби се одржаа во тренинг центарот, додека вториот дел од вежбите се одржаа во пештерата Убавица.

За спелеолозите и други љубители на пештери се подготвува и Упатство за техниките и алатките кои се употребуваат во оваа наука, изработено од италијански научници и одобрено од Италијанската федерација на спелеолози.

Проектот „Подобрување на локалните капацитети за истражување и конзервација на природното наследство на пештерата Убавица“ е дел од Програмата на ЕУ „Зајакнување на управувањето со заштитените подрачја“, вредна 4,3 милиони евра, имплементирана од УНДП во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *