Анѓушев: Забрзан е трендот на инвестирање во македонската индустрија

 Странските директни инвестиции во првите шест месеци од годинава достигнаа 327 милиони евра или 218 отсто повеќе од просекот во последните три години. Ова покажува дека трендот на инвестирање во македонската индустрија е забрзан, како и дека политиките за транспарентно поддржување на сите компании апсолутно дава резултат. Пред бројките и боговите молчат, а бројките се овие, ги објавија и институциите на државата, рече денеска вицепремиерот Кочо Анѓушев.

Одговорајќи на новинарски прашања по отворањето на фабриката на „Чагатај Кабло“ во „Бунарџик“, Анѓушев нагласи дека само во вториот квартал од годинава, кога вообичаено дивидендите се изнесуваат, странските инвестиции се колку збирот од странските инвестиции во вторите квартали во последните три години.

– И покрај тоа што некои компании своите дидивенди ги изнесуваат, што е нормално, тие многу повеќе инвестирале во Македонија, дополни вицепремиерот.

Тој не кажа дали ќе има ребаланс на Буџетот и упати ова прашање да биде доставено до Министерството за финансии. Во врска, пак, со реализацијата на капиталните инвестиции, нагласи дека до крајот на оваа година се очекува тие да го достигнат предвиденото ниво.

– Подолго време заглавените проекти што требаше да бидат завршени пред две години, ги одглавивме и сите тие почнуваат со работа, истакна Анѓушев.

На прашањето како го коментира фактот дека ВМРО-ДПМНЕ ја донела инвестицијата на „Чагатај Кабло“ во Македонија, Анѓушев апелира да се престане со евтиниот ПР и да им се овозможи што сакаат, да работат.

– На ова прашање можам да се насмеам. Не можеме да мериме кој кога првпат слетал на аеродром, кој кога првпат правел состанок, кој кога првпат дошол. Вистината е дека компанијата склучи договор со нашата Влада, дека од првиот ден на градењето на објектот јас бев присутен тука. Треба да престанеме да се занимаваме со инфантилни прашања и со евтин ПР. Јас еден ден веќе нема да бидам вицепремиер, дали тоа значи дека сите со мене што држеле состаноци, треба да ги припишувам како своја заслуга во следните 10 години, рече Анѓушев.