Жерновски од утре ќе учествува на Дубровник форум 2018

Заменик министерот за надворешни работи Андреј Жерновски од утре ќе учествува на 13. традиционален Дубровник форум 2018 насловен „Зајакнување на отпорноста Медитеран, Европа и Западен Балкан”.

На форумот се очекува да присуствуваат премиери, министри и заменици министри за надворешни работи од регионот, Европа и пошироко, како и претставници на повеќе меѓународни и тинк-тенк организации.

Министерството за надворешни работи соопшти дека предвидено е Жерновски да оствари билатерални средби со повеќе претставници и учесници на форумот. Тема на разговор ќе бидат новите моменти поврзани со претстојниот референдум во однос на Договорот со Грција и потврдување на поддршката за евроатланските интергации што се очекува од страна на меѓународните партнери. На средбите ќе биде разговарано и за останатите активности коишто и претстојат на Македонија во насока на подготовката за почеток на пристапните преговори.

Жерновски ќе има и обраќање на тема „Зајакнување на отпорноста преку справување со лажните вести и манипулација на медиумите”.

– Главната опасност од лажните вести е што можат да ангажираат значаен потенцијал на државната акција во интерес спротивен на јавноста, преку манипулација. Токму таквите одлуки, базирани врз манипулација со јавното мнение, можат да ја стават Република Македонија во незавиден контекст во однос на интегративните процеси. Од тие причини, Жерновски на Форумот ќе говори на оваа значајна тема, бидејќи во овој значаен период пред кој е исправена нашата земја, лажните и манипулативни вести можат сериозно да го нарушат процесот, велат од МНР.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *