Повеќе од 40 административни услуги ќе се добиваат на едно место

 Во просториите на Управата за водење матични книги, граѓаните на едно место ќе добиваат повеќе од 40 услуги од државни институции како што се Министерството за внатрешни работи, Агенцијата за вработување, Централниот регистар, Фондот на пензиско и инвалидско осигурување, Фондот за здравствено осигурување, Катастарот…

За таа цел со помош на експерт од УНДП од Лондон ќе се преадаптира просторот за тој да биде пофункционален и прилагоден на потребите на граѓаните.

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски смета дека со ова ќе се намали времето на чекање што им е потребно на граѓаните за да ги добијат потребните услуги.

– Шалтерите ќе им даваат услуги на корисниците во две смени. Ова ќе биде голем чекор напред кон создавање на јавна администрација која ќе биде вистински сервис на граѓаните, рече министерот Манчевски.

За реализација на овој проект познат како „Една точка на услуги“ денеска е потпишан Меморандум за соработка со УНДП со чија помош ќе се прави хоризонталната анализа на органите на државната управа и на агенциите.

– Анализата треба да ни даде реална слика за состојбата со администрацијата и да ги реши проблемите со отчетност внатре во администрацијата и со преклопувањето на надлежностите меѓу институциите, изјави Манчевски на денешната промоција на проектот на која присуствуваше и постојаниот координатор на ОН и претставник на УНДП Лујза Винтон.

Анализата се спроведува за првпат во Македонија и согласно неа, како што најави министерот Манчевски, ќе се прави реорганизација на администрацијата.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *