Петер Сијарто, министер за надворешни работи на Унгарија

Петер Сијарто е министер за надворешни работи и трговија на Унгарија. На оваа функција е именуван на 23 септември 2014 година од редовите на партијата Фидес на актуелниот унгарски премиер Виктор Орбан. Тој веќе неколку пати ја има посетено Македонија, а за време на оваа посета во екслузивното интервју за МИА говореше за перспективите на европската и евроатлантската интеграција на земјата, за актуелната политичка клима во Македонија, средбите со челници на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, слободата на медумите во Унгарија…

Македонија е во една нова фаза на развој на настаните, обновени се преговорите за спорот за името со Грција, една од препреките за влез на земјата во ЕУ и НАТО. Унгарија ја формализираше употребата на уставното име во билатералните односи на 10 декември 2012 година. Вашето мислење за обновување на преговорите, проценка дали е можно решавање на спорот следната година, како што многумина најавуваат и очекуваат. Како Унгарија ја поддржува Македонија на патот кон ЕУ и НАТО? 

– Отсекогаш сме биле и ќе останеме гласни поддржувачи за вашата интеграција во ЕУ и НАТО. Разбираме дека има предуслови поставени од други земји. Не сакам да влегувам во дебата дали тие предуслови се фер или не се, бидејќи ова прашање мора да се реши на билатерална основа. Сметам дека секое мешање од трета страна нема да биде од помош. Можам да кажам дека се надевам оти прашањето за името целосно ќе биде решено што е можно поскоро. Се надевам дека сите сегашни препреки на вашиот процес за интергација во ЕУ и НАТО ќе бидат отстранети. Можете да бидете сигурни дека Унгарија ќе остане силен поддржувач и веќе јасно кажавме дека ние сакаме проширувањето да биде на агендата на следниот самит на НАТО и јасно ставивме на знаење дека очекуваме ЕК да даде предлог за точен датум за почеток на преговорите за членство.

Имавте средби и со претставници на актуелната и на претходната власт. Дали сегашната политичка ситуација по промената на власта по парламентарните и локалните избори ќе го забрза процесот на европска и евроатлантска интеграција на Македонија? 

– Сметам дека не е соодветно да дадам суд за тоа, бидејќи не живеам тука. Без разлика кој е на власт во Македонија, кој е на власт, кој во опозиција, ние ја поддржуваме државата, процесот на интеграција на државата.

Меѓутоа овој став не е генерална проценка на меѓународната заедница, која препознава одредени позитивни промени во политичката клима во земјава?

– Разбираме дека македонските граѓани одлучиле да имаат друга Влада. Последиците од распределбата на гласовите беше формирање друга Влада. Без разлика, кој е на власт ние ќе помогнеме, но проценката на внатрешната политичка сиутација ја оставам на македонските граѓани.

Последната средба за време на посетата на Македонија ја имавте со Никола Груевски, кој поднесе оставка од лидерската позиција во ВМРО-ДПМНЕ. Дали ВМРО-ДПМНЕ по оставката на Груевски и обидите да се избере нов лидер и да се реформира партијата има шанси да стане вистинска демократска опозиција во Македонија?

– Не е фер од моја перспектива да дадам суд за ова. ВМРО-ДПМНЕ е наша сестра партија, во Европската народна партија. Ја следевме работата на Груевски одблиску и добро сме запознати со неа. Тој направи големи напори во насока Македонија да стане генерално успешна и во интегративните процеси. Врз основа на резултатите од изборите тој повеќе не е премиер, тоа е волја на вашиот народ. Јас нема да бидам во онаа група луѓе, кои ќе му стават црта на поранешниот премиер.

Во врска со негативните трендови во Европа во однос на вашиот премиер Виктор Орбан, кој е критикуван дека е популист и во врска со генералното расположение на унгарската јавност, дали очекувате вашата партија Фидес да победи на парламентарните избори во април 2018 година?

– Европските институции не се тие кои одлучуваат кој ќе победи во Унгарија, одлучуваат унгарските граѓани. Најдобро е унгарските граѓани да одлучат за тоа кој ќе биде на власт. Во врска со јавното мислење унгарските граѓани гласаа два пати во корист на премиерот. По последните парламентарни избори освоивме супер мнозинство во Парламентот, што сметам дека е јасен знак на довербата на луѓето во однос на оваа Влада. Ние сме во постојани консултации со нашите луѓе, со нацијата и преку референдумот и врз основа на нашето искуство јасно е дека унгарските граѓани очекуваат од Владата да ја осигура нивната безбедност.

Дали се уште сте на ставот дека Унгарија нема да прифати никакви квоти за бегалците?

– Да секако, бидејќи систем на задолжителни квоти е мошне лош пристап кон миграциското прашање. Миграциската криза ја гледаме како мошне сериозна закана за безбедноста. Ја гледаме миграцијата како голем безбедносен ризик за ЕУ. Има силни врски меѓу тероризмот и миграцијата, бидејќи нелегалниот влез на 1,2 милиони  луѓе во ЕУ дава голема можност за теориристичките организации и нивните терористи, кои се инфилтрираат меѓу мигрантите. Европските лидери треба да ја обноват безбедноста на континетот и на луѓето, кои живеат на него и задолжителната квота е неприфатлива.

Каква е состојбата со мигрантите во Унгарија денес?

– Во врска со миграциската криза унгарските граѓаните очекуваат од нас, од Владата да ја осугура безбедноста на земјата. И ставивме јасно до знаење дека додека ние сме на власт тие може да сметаат на нас, на тоа дека ќе се погрижиме за безбедноста. Во Унгарија нема голем број бегалци,  затоа што јасно ставивме до знаење дека единствен начин на кој некој може да влезе во земјата е легалниот начин, не дозволуваме никому да ги злоупотреби нашите граници. Унгарија и помага во тоа и на Македонија. И на барање на вашата сегашна Влада ја продолживме помошта. Следниот контингент на полицајци ќе пристигне на 10 јануари за да и помогне на вашата погранична полиција да ги заштити вашите граници.

Оценка за слободата на медиумите во вашата земја, имајќи ги предвид оценките на Фридом хаус и Репортери без граници, особено во контекст на критиките на законските решенија за работата на медиумите. Фридом хаус во 2017 ве оцени како делумно слободни во однос на слободата на медиумите. Една од забелешките беше затворањето на најголемиот независен весник „Непсзабадсаг“, откако откри ланец на скандали на Фидес. Според индексот на Репортери без граници сте на 71. место, во категоријата на земји со забележителни проблеми?

– Во Унгарија има шареноликост во медиумскиот простор. Одлуката за затворање на весникот беше донесена од страна на приватен сопственик. Не гледам дека државата тука се мешала во таа одлука. Овој весник претходно беше во сопственост на Социјалистичката партија. Таа го продаде на приватен сопственик. Приватниот сопственик реши да го продаде, каква врска има Владата со тоа. Фала му на Бога повеќе не живееме во комунизам, така што приватните сопственици можат да прават што сакаат во сите индустриски сфери. Ако гледате телевизија, ако одите на Интернет ќе согледате дека има повеќе вести, кои ја критикуваат Владата, отколку вести кои имаат позитивен став за неа. Медиумите во Унгарија рефлектираат различни видови мислења. Никој не треба да биде загрижен за тоа. Има баланс.

Им замеривте на САД дека се мешаат во вашите внатрешни работи со помошта за медиумите. САД минатиот месец ги повикаа унгарските медиуми, со седиште надвор од Будимпешта да се пријавата за користење американски фондови, програма вредна 700 илјади долари. Велат целта е да се олесни пристапот до објективни информации за внатрешни и глобални теми. Вие лично ги обвинивте за мешање во внатрешните работи и во изборната кампања. Коментар?

– Ова е проект финансиран од Стејт департментот, дел од американската администрација. Министерство на една земја финансира медиуми од федералниит буџет на САД, 700 илјади долари. Ако министерство на една земја лансира проект за да финансира медиуми во друга земја, не можам да кажам ништо друго, освен дека тоа е сериозно мешавање во внатрешните работи на друга земја, што сметам дека е сосема неприфатливо. Му кажав на американскиот државен секретар кога имаше средба со министрите за надворешни работи на земјите од ЕУ пред две недели, им посочив на сите релеватни дека такво нешто е неприфатливо, особено меѓу земји сојузници.

Дали овој проект ќе биде реализиран во Унгарија? Дали имате инструменти да го спречите неговото реализирање, со оглед на тоа што не се согласуавте со него?

– Прашајте ги САД. Секако дека немаме. Одлука на САД е на што ќе ги трошат парите од својот буџет.

Оценка на нивото на економската соработка меѓу Македонија и Унгарија?

– Кога говориме за економијата, никогаш не треба да бидеме задоволни. Секогаш има повисоки бројки што може да ги постигнеме. Трговската размена меѓу двете земји минатата година порасна за 45 проценти, а во првите девет месеци од годинава таа бележи раст 47 проценти. Во првите девет месеци имавме повисока трговска размена, отколку во текот на целата 2016, што е добар развој, но не треба да сме задоволни. Имаме поголем капацитет. Отворивме кредитна линија во унгарската Ексим банка од 420 милиони евра за финансирање на соработката меѓу македонски и унгарски компании. Денеска беше потпишан договор меѓу државната унгарска енергетска компанија MVM OVIT и македонската компанија „Круна Дрил“ ДООЕЛ за заеднички настап во изведбата т.е. изградбата на 400 коловат далековод Битола – Елбасан. Најдобрата унгарска компанија за управување со води е заинтересирана за учество во проекти во Охрид и Скопје за чистење на отпадни води. Имаме интерес и за банкарскиот сектор. Имаме големи очекувања за натамошно унапредување на економската соработка.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *