ДИК ги формира избирачките одбори за гласање на иселениците

Државната изборна комисија (ДИК) денеска на седница избира членови за избирачките одбори во дипломатските конзуларни претставништва и конзуларните канцеларии на Република Македонија во странство. Во одлуката се наведува дека членовите на избирачките одбори во ДКП-та ќе бидат со мандат само за гласањето на референдумот што надвор од Македонија ќе се спроведе на 29 септември.

Избирачките одбори во ДКП-та ќе имаат тројца членови и тројца заменици членови, а  претседателот и заменик претседателот ќе се бараат од редовите на амбасадорите и вработените во амбасадите или конзуларните канцеларии.

Испразнетите места како што беше појаснето на седницата ќе се пополнуваат од редовите на вработените во државната и јавната администрација. Целта е, како што потенцираа од ДИК, да се намалат трошоците за спроведување на референдумот.

Денеска се бираат членови на вкупно 50-те ДКП на земјава во странство, но гласањето ќе се спроведе само онаму каде што ќе има над 10 пријавени до 23 август на полноќ кога завршува можноста за пријавување на иселениците за гласање на референдумот.

Според информациите од ДИК, досега во 15 ДКП нема пријавено доволен број иселеници за гласање на референдумот.

ДИК по случаен избор ги бира членовите на избирачките одбори, а на седница присуствува и државниот секретар во Министерството за надворешни работи Виктор Димовски.

До денеска до пладне до ДИК има пристигнато 1.459 пријави од дијаспората за изјаснување на референдумот, од кои 1.431 се прифатени, а најмногу има во Берн, Љубљана, Лондон, Виена,…

Доколку некој од македонските иселеници се пријави да гласа во ДКП-та ако допатува во Македонија на 30 септември нема да може да гласа на референдумот.

На 23 август на полноќ исто така истекува и рокот за јавен увид во Избирачкиот список за референдумот. До вчера во подрачните канцеларии на ДИК увид во Избирачкиот список направиле 3.541 граѓанин, решенија за бришење од Избирачки список се донесени за 123 лица, а за промена на податоци за 10.

Членот на ДИК Јанакие Витановски рече дека увидот се одвива непречено и без проблеми и повторно апелираше до граѓаните да ги проверат своите податоци во Избирачкиот список до среда на полноќ во подрачните канцеларии на ДИК и на веб-страната на Комисијата.

На седницата не учествува членот предложен од Беса Енвер Салихи кој рече дека не бил информиран навремено за одржување на оваа седница.

Претседателот на Комисијата Оливер Дерковски, пак, кажа дека во петокот било разговарано за одржување на оваа седница. Тој исто така рече и дека потпретседателката на Комисијата Дитмире Шеху го најавила и го оправдала своето денешно отсуство од седницата.

Седницата се уште е во тек.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *