Од утре во сила руската забрана за увоз на праски

Откупувачите на праски од Росоман се во незивесност – дали ќе им бидат вратени уште три камиони кои моментно се на руската граница. Тоа би значело дополнителни 15.000 евра загуба по штетите што ги претрпеа откако изминативе денови Русија не дозволи влез на три камиони со образложение дека во пратките е пронајден „прасков црв“.

Русија од утре и официјално ќе го забрани увозот на праски од Македонија. Нашите производители сметаат дека ваквиот потег е политички и дека нема никаква врска со квалитетот.

Во меѓувреме, се уште нема одговор од руска страна по писмото што го испрати македонскиот Државен инспекторат за земјоделство до руската федерална служба на ветеринарен и фитосанитарен надзор со кое се бара во најкус можен рок да се отстранат сите непријатности и да продолжи соработката.

– Три камиони се на пат за назад, пред три дена ни ги вратија, а три во моментв се на руска граница. Не знаеме што ќе се случи со нив.  Од еден вратен камион губиме 4.000 – 5.000 евра. Тоа е огромна штета. Ако ситуацијата не се реши, не знаеме дали ќе бидеме во можност да ги исплатиме производителите. Праските веќе ги даваме пошто-зошто, 10 до 15 денари за килограм, а ги купувавме по 18 денари. Се носат во Скопје, Албанија и Косово, изјави за МИА Владо Орданов, откупувач и производител на 30 хектари праска, круша, кајсија и грозје во Росоман и Сирково.

Според него, вредноста на еден камион праски е околу милион денари.

– Русија од скоро прави проблем со увозот. Досега пласманот течеше без никакви проблеми. Симптоматично е и тоа што моментно, без никаков проблем извезуваме во УкраинаБелорусија, Норвешка, Романија, Хрвтаска и никој не ни прави проблем. Сепак, околу 80 отсто од праските одат за Русија, но во последно време ни прават големи проблеми. Дали е политика или што е работата, не знаеме, истакнува Орданов.

И други поризводители од Росоман сметаат дека е во прашање политика.

Само од Јосипово летово за Русија беа извезени над 80 – 90 камиони. Два од нив се вратени и неделава уште три.

Од Министерството за земјоделство за МИА информираат дека од Русија се вратени две, а не три пратки, едната поради лоша калибрација, а другата поради прасков црв. Во праските немало гана „мунилија“, како што првично се тврдеше.

– Се уште нема одговор од руска страна по писмото што го испрати Државниот инспекторат за земјоделство, а контролите на насадите и натаму се вршат, велат од Министерството.

Откупувачите, како што нагласува Орданов, ќе бараат помош од Министерството и Стопанската комора, но најпрво ќе го причекаат конечниот исход од руската одлука за да ги проценат точно штетите.

Лани од Русија биле вратени четири камиони, исто така поради присуство на црв во праските.

– Кога ја купуваме праската имаме посебно ангажирани луѓе што вршат контроли, но може да се случи грешко кај еден до два отсто од количините. Но, премногу е поради тоа да се враќа цел камион, смета Орданов.

Праската оваа година почна да се откупува за 25 денари, а заврши со 18, за разлика од лани кога најпрво беше 20 денари, а потоа цената падна на 13 денари поради зголемената побарувачка. – Ние во македонија, поради поволните временски услови, порано ја вадиме праската поради што и добиваме на цена, но кога родот ќе стаса во другите земји, конкуренцијата се зголемува, а и побарувачката се намалува, објаснува производителот и откупувач од Росоман.

Одлуката на Русија што стапува во сила утре се однесува и на Србија. Според првичните инфрмации што ги објави Ројтерс, причина за забраната на увозот е габата „монилија“, пронајдена во праските од Македонија и Србија.

Руската амбасада во Скопје за МИА потврди дека според информациите објавени на интернет страницата на руската федерална служба за ветеринарна и фитосанитарна контрола, воведена е привремена забрана за увоз на коскести овошја од Македонија што стапува на сила од 15 август, како и дека одлука за натамошно постапување ќе биде донесена по завршување на истрагата на двата надлежни органи од Русија и Македонија.

Од амбасадата на Русија посочија и дека за оваа сезона од Македонија во Русија биле извезени три милиони килограми праска, а вратени поради сомнеж дека се заразени биле 120.000 килограми. Исто така, посочуваат дека сезоната за ова овошје е при крај и дека не биле предвидени други испораки.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *