Многу пати досега сум се соочил со писмени коментари со кои се оспорува нашиот интегритет и кредибилитет да го браниме Уставното име на нашата Татковина. Не ретко, обидите за наша лична дискредитација се сведуваат на тоа дека сме си ги смениле имињата а го браниме името од далеку, живееме во земји членки на НАТО, имаме успешни бизниси а сакаме Македонија да остане сиромашна земја, да не стане членка на ЕУ и НАТО. Сега, во овие крајно чувствителни моменти за Татковината, се чувствувам за повикан да одговорам на овие злобни и целосно невистини наводи и напади.

 

Манипуланти, еднаш за секогаш да расчистиме. Јас, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски никогаш не сум си го сменил ниту името, ниту идентитетот. За Американците „Џорџ“ е исто тоа што за нас Македонците е „Ѓорѓија“, како што впрочем за нив „Рипаблик оф Маседониа“ е исто тоа што за нас Македонците е „Република Македонија“. И на малите деца им е јасно дека се работи за прекар кој го заработив од моите пријатели кои ги стекнав „преку барата“, а што во суштина е изговарање на моето име на англиски јазик. Ништо повеќе!

 

Сметам дека е непристојно јас самиот да говорам што сум направил за мојата Татковина, особено да говорам за моите вложувања во Македонија, но принуден сум да ја растерам маглата што упорно некој ја шири. Иселен сум од мојот роден Марул, Прилепско, во далечната 1970 година, кога заедно со целото мое семејство емигриравме во САД, бегајќи од тогашниот комунистички режим. Непосредно по оформувањето на моето образование, во САД, ја започнав мојата битка за суверена и независна Македонија. По осамостојувањето на Татковината, живеам и работам во 4 града на земјината топка, во Скопје, Прилеп, Вашингтон и Ормонд Бич. Активно лобирав за воспоставувањето на дипломатски односи меѓу Македонија и САД, кои конечно со целосен капацитет се воспоставија во текот на септември 1995 година. После отворањето на Канцеларијата за врски на САД во Скопје во 1993, Атанасоски ги насочив своите заложби за комплетирање на дипломатските односи, што на 25 септември 1995 година резултираше со отворање на првата амбасада на Република Македонија во Вашингтон. Помагав во обезбедувањето на денешниот репрезентативен објект кој е седиште на нашата Амбасада во Вашингтон, за што речиси сите официјални дипломатски претставници на Македонија во САД ми изразуваат благодарност. На двајца од моите синови, успеав да им ја пренесам љубовта кон родната грутка на нивниот татко. Иако се родени во САД, често се во Македонија. Најмалиот, учеше средно училиште во Прилеп, живее и ги води сите мои бизниси во Македонија. Инаку, во Македонија досега имам вложено повеќе од 20 милиони долари во комплексот хотели во Прилеп, „Сонце – ГА“ и „Липа“, во „Жито Прилеп“, во ТВ „Сонце“, каде работат повеќе од 250 луѓе. Притоа, од моите инвестиции во Македонија ниту еден денар немам изнесено надвор од границите на Татковината.

 

Да, јас Ѓорѓија Џорџ Атанасоски сум против Договорот со Бугарија и се срамам кога гледам како актуелниот Премиер на мојата Татковина се извинува на неговиот Бугарски колега зошто кажал историска вистина дека Илинденското востание е Македонско. Да, јас Ѓорѓија Џорџ Атанасоски, имам право да сметам дека е велепредавство да се потпише кукавички Договор со Грција, бидејќи се борев и лобирав САД да го признаат Уставното име на мојата Татковина, бидејќи тоа е универзално демократско право на Македонскиот народ. Да, јас Ѓорѓија Џорџ Атанасоски, имам право да бидам гневен кога Заев, Димитров и Шекеринска, со еден потпис се откажаа од нашите браќа и сестри во регионот, за чии права јас до крајот на мојот живот ќе се борам и ќе им помагам. Да, јас Ѓорѓија Атанасоски се борам да се зачува древниот Македонски симбол – Сонцето од Кутлеш, располагам, ги објавувам историските факти за античките корени на денешните современите Македонци, и сметам е немакедонски да се согласиш Грција и Бугарија да ја ревидираат нашата Македонска историја и културно наследство. Конечно, ноторна лага е дека јас не сакам да ја видам Татковината како полноправна членка во ЕУ и НАТО Алијансата, економски успешна, стабилна и со сигурна иднина. Не, јас Ѓорѓија Џорџ Атанасоски само се противам да се обезличиме и да станеме народ без историски корени, бидејќи сум уверен и знам како можеме да ги оствариме нашите цели, а притоа да останеме свои на своето. Така е праведно и единствено исправно!

 

Нека им биде јасно на сите, јас никогаш нема да престанам да работам за Македонија, за нацијата и Македонската кауза.

 

А злобниците нека прават разлика! И нека не се лажат дека ќе ме поколебаат, напротив, уште повеќе ме мотивираат посилно да се борам за Македонија и Македонскиот народ! Бидејќи знам дека сум на вистинскиот пат и се борам за возвишените вредности на мојот народ!

БОГ ДА ЈА ЧУВА ТАТКОВИНАТА!

 

Ѓорѓија Џорџ Атанасоски

Претседател,

МАКЕДОНСКА АЛИЈАНСА

SHARE