Девет рочишта за предмети на Специјалното јавно обвинителство се закажани неделава во Кривичниот суд.
За денеска и за во среда закажани се рочишта за предметот „Насилство во Центар“, во кој се обвинети 14 лица за поттикнување на насилството што се случи при протестите пред општина Центар во јуни 2013 година.
На претходните рочишта, како што објави МИА, вина за настаните пред општина Центар во јуни 2013, признаа четвртообвинетиот Томислав Лазаров и петообвинетиот Јордан Ристевски. Во овој предмет обвинети се уште 12 лица, меѓу кои лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Даниела Рангелова.
Денеска рочиште треба да се одржи и за случајот „Траекторија“ во кој се обвинети поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот вицепремиерот Владимир Пешевски, екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот директор на Агенцијата за државни патишта, Љупчо Георгиевски.
Тие се осомничени дека во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејствија со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатите Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања. Со тоа, според СЈО, му нанеле штета на државниот буџет од најмалку 155 милиони евра и за истиот износ на компанијата изведувач ѝ овозможиле да се стекне со имотна корист.
За утре е закажано рочиште за случајот „Тарифа“ во кој се обвинети три лица поради постоење основано сомнение дека е извршена злоупотреба на службената положба во постапка по јавна набавка на софтвер – ЕРП Систем за потребите на АД ЕЛЕМ.
В среда, на 20 декември, треба да се одржи судење за предметот „Сопот“, кој е отворен во 2003 година кога двајца полски војници и еден македонски државјанин загинаа кога теренско возило на НАТО нагази на мина. Во овој случај десет лица се товарат дека во 2003 година подметнале експлозивна направа на локалниот пат Сушево-Сопот.
Во четврток и петок се закажани рочишта за предметот „Труст“ во кој првоосомничен е бизнисменот Сеад Кочан и уште две физички и три правни лица, меѓу кои и управителите на фирмите „Трансмет“, „Силекс“ и „Вато“ ДООЕЛ, за учество на тендер на Електрани на Македонија. Според обвинението, осомничените со фалсификувани документи местеле тендери во ЕЛЕМ во вредност од 17 милиони евра.
Ново рочиште за случајот „Топлик“ во кој осомничени се шест лица, меѓу кои и поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески за продажбата на градежна парцела за изградба на населбата Сончев град во скопско Сопиште е закажано за во четврток, на 21 декември.
Во петок, на 22 декември пак треба да се одржи рочиште за предметот „Таргет – Тврдина“ во кој се обвинети поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски, кои се во притвор во Грција, како и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот директорот на УБК Сашо Мијалков и шефот на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски.