Скапароти: Со нетрпение очекувам да станете 30. членка на НАТО

Вашата држава гради светла иднина и напредува. НАТО ги споделува вашите заложби за владеење на правото, сигурност и безбедност во регионот. НАТО ја споделува вашата посветеност на демократијата, владеењето на правото, како и безбедноста и стабилноста во регионот. Вашата континуирана поддршка е важна не само за Западен Балкан, туку за цела Европа. Со нетрпение очекувам да станете 30 членка на НАТО, порача командантот на Командата на американските сили во Европа и Врховната команда на НАТО за Европа, генерал Куртис Скапароти, кој денеска престојува во посета на Македонија.

Генералот Скапароти заедно со делегација од Министерството за одбрана и од Армијата на Република Македонија, предводена од министерката Радмила Шекеринска, проследи показна вежба во касарната „Илинден“.

– Преку вашето долгогодишно партнерство со НАТО, вашата земја веќе постигна значителен напредок во одбранбените реформи и воената интероперативност со сојузниците. Препознавајќи ја историската покана на сојузниците за почеток на пристапните преговори со НАТО препознаваме и уважуваме дека предизвиците остануваат пред вас, но претстои и многу работа. Во исто време со нетрпение очекуваме да дадеме и практична поддршка на вашите воени авторитети во процесот на пристапување. Убедени сме дека адресирањето на овие предизвици и успешното пристапување кон Алијансата ќе имаат исклучителна полза за вас. Земјите кои се приклучиле на Алијансата успеале да ја зајакнат својата демократија, да ја унапредат безбедноста и да го направат животот на нивните граѓани посигурен, изјави Скапароти.

Министерката за одбрана Шекеринска кажа дека посетата покажува колку работите во Македонија се менуваат по единаесетти јули кога ја добивме поканата за НАТО.

– Денеска сме домаќини на првиот воен претставник на НАТО во Европа, кој за првпат престојува во Македонија. Оваа засилена динамика, ја манифестира цврстата решеност Македонија во еден брз и интензивен процес да стане 30 членка на НАТО, порача Шекеринска.

Нагласи дека во овој момент е важно оваа две и пол децениска определба на граѓаните на Република Македонија за членство во НАТО да ја потврдиме и обезбедиме, а еден од тие клучните чекори ќе биде референдумот на 30 септември.

-На референдумот очекуваме граѓаните да го препознаат својот интерес, интересот на Република Македонија, интересот на државата и идните генерации и да гласаат позитивно. Изборот е јасен, иднина или изолација, членство во НАТО и ЕУ или уште една изгубена деценија, изјави Шекеринска.

Генерал Скапароти, како што е најавено, попладнево ќе се сретне со премиерот Зоран Заев

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *