Македонија е само транзитна земја за бегалците

Македонија продолжува да биде транзитна земја каде во периодот од 2015 до 2017 година само 35 лица аплицирале за азил, додека просечното време на престој во Центарот за баратели на азил бил три и пол дена, покажува истражувањето „Позицијата на бегалците и мигрантите во Македонија“, спроведено во рамки на проектот „Создаваме заедно: Мониторинг и застапување за заедницата“, имплементиран од Фондацијата „Кондрад Аденауер“, Здружение на правници на Република Македонија и НВО Атина – Србија.

Според истражувањето, во Република Македонија само пет лица добиле меѓународна заштита како бегалци, а 11 добиле супсидијарна заштита, односно поради кршење на нивните основни човекови права.

Според Иван Јованов, национален коменаџер на проектот, потребна е зголемување на капацитетите на локалните власти за овозможување на подобар процес на интеграција.

– Направивме фокус групи и интервјуа со мигранти и со понудувачи на услуги кои ни покажаа дека мигрантите генерално се задоволни од примарните услови во транзитните центри во Гевгелија и Куманово како што се пристап до храна, вода, облека и примарна здравствена заштита, изјави Јованов.

Посочи дека според истражувањето најмногу примарни услуги на бегалците се даваат од институциите, додека секундарните услуги како образовни програми, бесправна правна помош и јазични часови се во најголем дел понудувани од здруженија на граѓани.

Истражувањето идентификува неколку области во кои е потребно работа и препорачува дека е неопходна рана интеграција на барателите на азил, градење капацитети на локалните власти, вклучување на невладиниот сектор во носењето политики, како и заштита на ранливите групи.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *