Продолжува падот на приходите на телевизиите и радиостаниците

Во аудио и аудиовизуелната медиумска индустрија во Македонија во 2017 година се остварени најниски вкупни приходи во последните пет години. Од 2013 година наваму, стапката на раст на вкупните приходи во индустријата секоја година била негативна, но приходите се намалиле најмногу во последната година, за 10,35 проценти, покажува анализата на пазарот на аудио и аудиовизулени медиумски услуги за 2017 година.

– Сите три сегменти од индустријата оствариле помалку приходи отколку во претходната година, и тоа МРТ за 152,34 милиони денари, комерцијалните телевизии за 118,87 милиони  денари, а комерцијалните радиостаници за 30,10 милиони денари, стои во анализата на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ).

Вкупните  приходи  што  во  2017  година  заеднички  ги  оствариле  сите  радиодифузери (Македонската  радиотелевизија,  54  комерцијални телевизии  и  70  радиостаници) изнесувале 2.608,84 милиони денари

Повеќе од половината од тој износ (54,48 проценти ) се вкупните приходи на комерцијалните телевизии  од 1.421,32 милиони денари. Приходите на МРТ од 1.037,49 милиони денари претставуваат 39,77 проценти, а приходите на  радиостаниците од  150,03  милиони  денари  се 5,75 проценти од  вкупните  приходи  на  сите радиодифузери.

Во износот од  2.608,84 милиони денари се пресметани приходите  што радиодифузерите заеднички  ги  оствариле  по  сите  основи.  Најзначаен  дел,  поточно  90 проценти  од  овој  износ, приходите од рекламирање (53 проценти) и приходите на МРТ од радиодифузна такса  и  од  средствата  префрлени  од  Буџетот  на  Македонија  согласно  членот  105  – финансирање на МРТ и членот 135  -средства за финансирање на радиодифузната дејност (37 проценти од вкупните приходи). Останатите 10 проценти од вкупните приходи во индустријата се приходите остварени по сите други основи.

Приходите од рекламирање изнесувале 1.383,61милиони денари., од кои 90,04 проценти отпаѓа на  комерцијалните телевизии, 8,15 проценти на комерцијалните радиостаници, а 1,81 процент на МРТ.  Исто како и вкупните приходи, во 2017 година биле остварени и најниски приходи од рекламирање во последните пет години.

Освен во 2014 година, кога биле остварени за 3,10 проценти  повеќе  приходи  отколку  во  претходната  година,  во  следните  три  години  во континуитет се намалувал износот на овие приходи, достигнувајќи  1.383,60 милиони денари во 2017 година.

Помалку приходи од рекламирање оствариле и јавниот и комерцијалниот сектор. Приходите на комерцијалните телевизии биле за 5,68 проценти пониски отколку во 2016 година, односно за 74,96  милиони  денари. МРТ  остварила приходи  понискиза  43,30 проценти  (19,15  милиони помалку), а комерцијалните радиостаници 20,93 проценти помалку од 2016 година (29,84 милиони  денари).

Според анализата, Во 2017 година, петте телевизии кои емитуваат програма преку дигитален терестријален мултиплекс на државно ниво (ТВ Сител, ТВ Канал 5, ТВ Телма, ТВ Алсат – М и ТВ Алфа), оствариле приход од 1,071.89 милиони денари.  Ова е најмал износ на вкупните приходи на овие пет телевизии во последните пет години.  Во споредба со претходната година приходите се пониски за 2,65 проценти.

– Повисоки  приходи  отколку  во  2016  година  остварила  само  ТВ  Телма  (за  31,02 проценти).  Останатите четири телевизии забележале пад на приходите и тоа: ТВ Алфа за 22,12 проценти, ТВ Алсат – М за 7,29 проценти, ТВ Сител за 4,55 проценти и ТВ Канал 5 за 0,64 проценти, покажува анализата на АВМУ.

Во текот на 2017 година вкупниот број на радиодифузери се намалил за шест. На почетокот на минатата година, покрај јавниот радиодифузен сервис, програма емитувале уште 134  радиодифузери (63 телевизии и 71 радиостаница), а на крајот на годината вкупно 128, од кои 58 телевизии и 70 радиостаници.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *