Во аудио и аудиовизуелната медиумска индустрија во Македонија во 2017 година се остварени најниски вкупни приходи во последните пет години. Од 2013 година наваму, стапката на раст на вкупните приходи во индустријата секоја година била негативна, но приходите се намалиле најмногу во последната година, за 10,35 проценти, покажува анализата на пазарот на аудио и аудиовизулени медиумски услуги за 2017 година.
– Сите три сегменти од индустријата оствариле помалку приходи отколку во претходната година, и тоа МРТ за 152,34 милиони денари, комерцијалните телевизии за 118,87 милиони денари, а комерцијалните радиостаници за 30,10 милиони денари, стои во анализата на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ).
Вкупните приходи што во 2017 година заеднички ги оствариле сите радиодифузери (Македонската радиотелевизија, 54 комерцијални телевизии и 70 радиостаници) изнесувале 2.608,84 милиони денари
Повеќе од половината од тој износ (54,48 проценти ) се вкупните приходи на комерцијалните телевизии од 1.421,32 милиони денари. Приходите на МРТ од 1.037,49 милиони денари претставуваат 39,77 проценти, а приходите на радиостаниците од 150,03 милиони денари се 5,75 проценти од вкупните приходи на сите радиодифузери.
Во износот од 2.608,84 милиони денари се пресметани приходите што радиодифузерите заеднички ги оствариле по сите основи. Најзначаен дел, поточно 90 проценти од овој износ, приходите од рекламирање (53 проценти) и приходите на МРТ од радиодифузна такса и од средствата префрлени од Буџетот на Македонија согласно членот 105 – финансирање на МРТ и членот 135 -средства за финансирање на радиодифузната дејност (37 проценти од вкупните приходи). Останатите 10 проценти од вкупните приходи во индустријата се приходите остварени по сите други основи.
Освен во 2014 година, кога биле остварени за 3,10 проценти повеќе приходи отколку во претходната година, во следните три години во континуитет се намалувал износот на овие приходи, достигнувајќи 1.383,60 милиони денари во 2017 година.
Помалку приходи од рекламирање оствариле и јавниот и комерцијалниот сектор. Приходите на комерцијалните телевизии биле за 5,68 проценти пониски отколку во 2016 година, односно за 74,96 милиони денари. МРТ остварила приходи понискиза 43,30 проценти (19,15 милиони помалку), а комерцијалните радиостаници 20,93 проценти помалку од 2016 година (29,84 милиони денари).
– Повисоки приходи отколку во 2016 година остварила само ТВ Телма (за 31,02 проценти). Останатите четири телевизии забележале пад на приходите и тоа: ТВ Алфа за 22,12 проценти, ТВ Алсат – М за 7,29 проценти, ТВ Сител за 4,55 проценти и ТВ Канал 5 за 0,64 проценти, покажува анализата на АВМУ.
Во текот на 2017 година вкупниот број на радиодифузери се намалил за шест. На почетокот на минатата година, покрај јавниот радиодифузен сервис, програма емитувале уште 134 радиодифузери (63 телевизии и 71 радиостаница), а на крајот на годината вкупно 128, од кои 58 телевизии и 70 радиостаници.