Анѓушев: Со приклучување кон ТАБ се обезбедува конкурентност и сигурност во снабдувањето со гас

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев смета дека Македонија треба да се приклучи на гасоводот ТАБ и со тоа да обезбеди снабдување од повеќе извори и конкурентни цени.

– Македонија има интерес да се приклучи на ТАБ и да направи алтернатива во снабдувањето со гас, односно да се приклучи на алтернативни извори на гас кои доаѓаат од Азербејџан и од терминалите за природен гас во Грција. Со тоа ќе обезбедиме конкурентност во државата  и повеќе извори, рече Анѓушев во одговор на прашање по отворањето на „Националната работилница за градење капацитети и подигнување на свеста за искористување на можностите за соработка со Зелениот климатски фонд“.

За алтернативата што ја понуди Руската амбасада во Скопје за намалување на загадувањето, односно за приклучување на земјава на гасоводот Турски тек, рече дека станува збор за регионален проект кој треба да биде прифатен или одбиен регионално.

– Турски тек или Јужен поток е регионален проект и тој мора да биде прифатен или одбиен регионално. Од она што го знам тој е регионално одбиен. Доколку зборуваме само за Јужен поток не обезбедуваме конкурентност, туку само уште еден приклучок на истиот извор, посочи Анѓушев.

Нагласи дека конкурентни цени и сигурно снабдување со гас има само кога има повеќе снабдувачи и додаде дека новиот закон за енергетика нуди конкурентност во интерес на граѓаните.