Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски денеска изјави дека сите реформи во Македонија, вклучувајќи ги и медиумските, се предмет на заложништво заради лични интереси на поединци со партиска позадина и заради барање за амнестија. Тој денеска во Собранието присуствуваше на Комисијата за транспорт врски и екологија каде се разгледуваа амандманите за законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
– Денешната седница на Комисијата во Собранието повторно покажува дека опозицијата сака да го блокира процесот на носење на овој закон. Медиумските реформи и сите останати реформи во Македонија се предмет на заложништво заради лични интереси на поединци со партиска позадина и заради барање за амнестија, изјави Манчевски, кој исто така е дел од работните групи за законите што вчера беа тема на лидерската средба и за ДИК.
Според него, работните групи се уште работат на детали на законите.
За тоа дали е точно дека ВМРО-ДПМНЕ барале бришење на членот 165 од Кривичниот законик, Манчевски рече дека имало и „такви барања, и некои други барања за аменстија“ и оти се работи за генерално барање за амнестија, но тој не би навлегувал во детали. Со повеќе детали најави изјава од неговата партија СДСМ.
– И Македонија и референдумското прашање се заложници на барање за амнестија и за зачувување на лични интереси, тврди министерот Манчевски.
Зборувајќи за амандманската расправа за законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, тој кажа дека тема било се и сешто освен медиумските реформи. Ги повика и апелираше до програмскиот совет на МРТ и до првите луѓе на Агенцијата за медиуми да поднесат оставки за да дозволат да се случат реформите во медиумите.
– Да дозволат медиумските реформи да се случат во Македонија, политичарите да ги тргнат рацете од медиумите и да дозволат транспаретна постапка во која тие самите ќе може да аплицираат и ќе може да бидат избрани, рече Манчевски