„За правда“ – проект за следење на судските реформи

Со проектот „За правда“ што стартува денеска во Скопје, шест граѓански здруженија ќе ги следат судските реформи и нивното спроведување.

Спроведувањето на реформите во правосудниот систем во Република Македонија е еден од суштествените услови за интеграција во ЕУ, со оглед на тоа дека поглавјето 23 е најзначајното поглавје во процесот на пристапување кон Унијата.

Следењето на реформите и работењето на правосудството е редовна активност на организациите дел од оваа заедничка акција, а нејзина главна цел е зголемено влијание на граѓанските организации врз процесот на спроведување на Стратегијата за реформа на правосудниот сектор (2017 – 2022) и зајакнување на независноста и непристрасноста на судството.

Преку остварување на целите на овој проект, граѓаните и другите заинтересирани страни ќе добијат независни, непристрасни и професионални правосудни органи, кои ќе ја гарантираат заштитата на човековите права и слободи и еднаквоста на сите субјекти во државата.

Носители на проектот се Хелсиншкиот Комитет за човекови права на Република Македонија, Институтот за човекови права, Институтот за европски политики, Здружението на млади правници на Македонија, Коалицијата сите за правично судење, Центарот за правни истражувања и анализи како партнери, а  финансиски е поддржан од Фондацијата Отворено општество – Македонија.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *