Мрчела: Очекуваме Македонија да ги исполни препораките на ГРЕКО

Се надевам дека Македонија може да ги исполни препораките на ГРЕКО и ние тоа го очекуваме, изјави денеска претседателот на Групата држави против корупција на Советот на Европа (ГРЕКО) Марин Мрчела на тркалезната маса „Улогата на судечкиот судија во доказната постапка“, во организација на ОБСЕ и Академијата за судии и јавни обвинители.

– Се надевам дека сите политички фактори ќе бидат свесни за тоа дека препораките мора да бидат спроведени не поради ГРЕКО, туку поради македонските граѓани. Тоа значи дека тие препораки би требало да го подобрат системот и праксата во Македонија, а тоа на крајот значи подобар живот за граѓаните, изјави Мрчела.

Посочи дека од 19 препораки на ГРЕКО, три се исполнети, десет се делумно и шест не се воопшто исполнети.

– Тоа не е резултат за пофалба. Ние го чекаме извештајот. Рокот е 31 јануари 2018 година и кога ќе го добиеме извештајот ќе видиме каква е ситуацијата, рече Мрчела.

Прашан како неучеството на опозицијата во работата на Собранието ќе влијае на квалитетот на реформите, Мрчела посочи дека доколку реформите бараат да се донесе нешто со 2/3 мнозинство, а Парламентот тоа не може да го направи, како што ниту една таква препорака досега не е исполнета, тогаш тоа е речиси иста ситауција како и претходно.