Промовиран порталот на стопански регистри на Македонија и Србија

Од почетокот на 2018 година за бизнисмените од Македонија и Србија ќе бидат достапни комбинирани сервиси и услуги со споредбени податоци и информации за регистрираните компании и нивните финансиски показатели.

Ова ќе го овозможи регионалниот портал што го претставија денеска  Агенцијата за стопански регистри на Србија (АПР) и Централниот регистар на Република Македонија (ЦРРМ) во соработка со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во Белград.

Преку порталот достапни ќе станат деловните и финансиските информации од стопанските регистри на двете земји.

– По повеќемесечна соработка воспоставен е заеднички портал кој ќе придонесе за унапредување на деловната климаа во Македонија и Србија, изјави на презентацијата Марија Бошковска Јанковска, директор на македонскиот Централен регистар.

Помошникот на министерот за стопанство Душан Вучковиќ  го истакна значењето од поврзувањето и од меѓусебната соработка на регистрите во регионот.

Според директорот на српскиот АПР Звонко Обрадовиќ, органите за регистрација кои водат драгоцени бази на податоци, само со меѓусебно поврзување можат да обезбедат дополнителни информации за стопанствениците и останатите клиенти на кои, во иднина, ќе им се понуди нов сервис и услуги со податоци и од другите национални регистри.

Сите сервиси и услуги ќе бидат достапни на три јазици (англиски, македонски и српски), со нарачување и плаќање на услугите и онлајн сервис.

Проектот „Развој на регионален портал на бизнис регистрите за Србија и Македонија“ во согласност со Меморандумот за разбирање меѓу ЕБОР и Владата на Србија е ко-финансиран и раководен од ЕБОР, а од јули 2018 година порталот ќе продолжи да функционира како самоодржлив проект, се вели во соопштението на АПР.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *