Собранието поддржа повеќе закони и извештаи

Претениците во рамки на 53-тата собраниска седница без расправа го донесоа Законот за изменување на Законот за обука и испит на директор на основно училиште, средно училиште,  ученички дом и отворен граѓански универзитет за доживотно учење по скратена постапка.

Со 58 гласа „за и 15 „против“ Собранието ги поддржа измените на Законот за судии и јавни обвинители во прво читање.

Зоран Илиоски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека со предложените измени на Законот повторно се намалува критериумот за избор и додаде тоа остава сомнеж дека законите се корегираат според потребите на владејачкото мнозинство поради што пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе гласаат против.

Во реплика заменик министерот за правда Оливер Ристовски рече дека измените се носат заради истечениот мандат на Управниот одбор и претседателот на Академијата и додаде дека на претходните огласи кандидати кои се јавиле за пополнување на овие места не ги исполнувале критериумите што се бараат. Посочи дека со измените се предлага  и намалување на критериумиот кандидатите за судии и јавни обвинители да имаат просек од осум за да конкурираат за обуки.

Пратениците ги разгледаа и Извештајот за работата на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), на Агенцијата за пошти, и на Агенцијата за електронски комуникации, сите за 2017 година.

Како што истакна директорот на АВМУ Зоран Трајчевски, во првиот дел од извештајниот период Агенцијата го мониторирала изборното медиумско претставување за локалните избори. Предмет на мониторирање, како што рече, биле две телевизии и два радиопрограмски  сервиси на МРТВ и 14 комерцијални  телевизии и две комерцијални радио станици на државно ниво.

Во реплика пратеникот Владимир Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ побара од директорот Трајчевски да одговори дали се зголемени медиумските слободи во изминатата година и дали постои автоцензура кај новинарите кога известуваат за Владата. Трајчевски му одговори дека во изминатата година по промената на власта има подобрување кај слободата на медиумите, а тоа, како што кажа, го констатирале и релевантните меѓународни институции.

– За жал, последниве месеци се случува начинот на известување кај одреден број на медиуми, поврторно сакајќи да се доближат до власта, да станува провладин. Настаните од минатата недела во Клубот на пратениците и тргнувањето на емисија од ТВ Телма покажува дека слободата на медиумите е кревка и оти треба уште многу да се работи за да се дојде до оние стандарди што ги бараат земјите од Европската унија, рече Трајчевски.

Поради немање претставник на денешната седница не беше разгледан Финасискиот план за измена на финасискиот план на МРТ за 2018 година и Годишниот извештај за работата на МРТ за 2017 година. Претседателот на Собранието Талат Џафери посочи дека ќе побараат можност за надомест на штетата заради неможноста Собранието да работи и потребата да се отвораат нови трошоци на нова седница за да се разгледаат закажаните точки на дневниот ред за кои поканетите се должни да присуствуваат.

Собранието денеска разгледа и три барања за автентично толкување  членови од закони, две поднесени од пратенци, а едно од градоначалник, и заклучи дека се неоправдани и оти нема потреба за толкување на законите.

Собраниската седница ќе продолжи по редовната пладневна пауза.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *