„Тајната состојка“ на „Исцелителот“ откриена во Атина

„Тајната состојка “ на „Исцелителот“ од вчера е „достапна“ и за грчката публика во кино салите во Атина.  Со синоќешната премиера во легендарното кино „Трианон“, во следните најмалку две седмици, започнува прикажувањето на македонскиот филм „Исцелител“, односно „Тајна состојка“, како што е интернационалниот и грчкиот наслов на филмот.

На премиерата, присутен беше и режисерот на филмот, а во разговор со дописничката на МИА од Атина,  Ѓорче Ставрески вели дека е задоволен и од публиката, но и од кино салата каде што се прикажува „Исцелител“.

– Супер беше, луѓето уживаа, гледам дека реагираа на вистински места, излегоа среќни. Киното е преубаво, отворено кино, а сепак во затворена зграда. Досега не сум бил во вакво кино и ми е особено чест што филмот има премиера токму во една ваква егзотична кино сала. Супер беше навистина, вели Ставрески.

Грците кои вчера уживаа во „Тајната состојка“, имаа можност, по премиерата да поразговараат со македонскиот режисер.

– Ќе ни кажеш која е „тајната состојка“ на „Исцелителот“?, беше првото прашање упатено до режисерот Ѓорче Ставрески, веднаш по завршувањето на филмот.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, публиката не го криеше задоволството од „Исцелител“. По проекцијата Грците сакаа да дознаат како Ставрески дошол до идејата за сценариото, каква е општата ситуација во Македонија, но и ситуацијата во филмската продукција, како и во однос на финансиските средства за „Исцелител“.

Македонскиот режисер вели дека со ова уште еднаш се покажа колку двете земји се слични и се соочуваат со идентични проблеми, далеку од политиката.

– Имам чувство дека сакаат многу повеќе да дознаат и ги интересира за нас и за нашата земја. По не знам кој пат го потенцирам тоа, мислам дека како култури сме послични, многу поблиски отколку што политичарите сакаат да признаат. Неверојатно колку прашањата беа во контекст на тоа дека и тие се чувствуваат како да ги имаат истите, сличните проблеми што ги има во филмот и не само тоа, туку го делиме дури и сличниот дух и сличниот хумор, што е уште еден доказ колку сме блиски, вели Ставрески кусо по завршувањето на премиерата во Атина.

Премиерата на филмскиот фестивал во Солун и освоената награда, биле пресудни, грчкиот дистрибутер „Сине Трианон“ да побара „Исцелител“ да се прикажува и во Атина.

– Пресудна беше и наградата во Солун, а дистрибутерот „Сине Трианон“ го виде филмот во Солун на втората проекција и едноставно многу му се допадна. Значи толку многу му се допадна филмот што во еден момент им се јави на моите копродуцентки од Грција и им рече дека сака да го земе филмот да се прикажува во киносалите во Атина, вели Ставрески.

Константина Ставриану, копродуцентката на „Исцелител“, за МИА вели дека е задоволна и од генералните реакции за филмот, но и од одѕивот на вчерашната проекција.

На прашањето дали пред фестивалот во Солун очекувале филмот да има толку голем успех, вели дека тоа е „тешко прашање за еден продуцент“.

– На продуцентот во суштина му се допаѓа многу филмот и очекува најдобри можни реакции. Во оваа смисла, да, многу сме задоволни. Среќи сме за оваа соработка, но, наградата од публиката во Солун, мислам дека е најголемиот успех на филмот, вели Ставриану во разговор со дописничката на МИА од Атина.

Македонскиот режисер, пак, во однос на критиките за филмот од грчките критичари вели дека се убави и позитивни и се надева дека и покрај тоа што е летен период, филмот ќе земе замав и ќе има добар одѕив во Атина.

Весникот „Катимерини“ во текстот посветен на новите филмови што следнава седмица се прикажуваат во киносалите во Атина, го издвојува токму „Исцелител“.

– Најдобриот филм на неделата доаѓа од соседно Скопје, копродукција што се протега на двете страни на границата. Претставува добра можност да фрлиме поглед на секојдневните перипетии во оваа мала држава, што во последно време е толку многу актуелна кај нас, пишува „Катимерини“ во текстот под наслов „Магичен колач од Скопје“. 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *