Заедничка седница на владите на Македонија и на Албанија во Поградец

Владите на Република Македонија и на Република Албанија денеска во албанскиот град Поградец ќе одржат заедничка меѓувладина седница на која ќе се разговара за повеќе теми за унапредување на билатералната соработка.

Се очекува да стане збор за прашања од областа на инфраструктурното поврзување, изградбата на Коридорот 8, за олеснување и интензивирање на размената на стоки и услуги и за зајакнување на соработката во областа на безбедноста.

На седницата планирано е да се потпишат неколку документи за соработка, вклучувајќи план за консултации меѓу министерствата за надворешни работи, меморандум меѓу министерствата за внатрешни работи за соработка во областа на внатрешната контрола, како и за формирањето на мешовит комитет за економска соработка. Од областа на образованието и науката, ќе биде потпишан меморандум за интензивна билатерална соработка преку Институтот за културно и духовно наследство на Албанците од Република Македонија. Дополнително ќе биде потпишан и меморандум за соработка во борбата против насилен екстремизам и радикализам, како и договор за соработка во спречување на кризи.

По одржувањето на заедничката седница најавена е заедничка прес-конференција на премиерите на Македонија и на Албанија, Зоран Заев и Еди Рама.

Ова е прва заедничка седница меѓу владите на Македонија и на Албанија.

Утре, премиерите на Македонија и на Албанија ќе заминат за Пустец каде ќе се сретнат со претставници на локалната самоуправа и ќе го посетат училиштето каде ќе донираат опрема за учениците.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *