Награда за животно дело за Зафрановиќ на фестивалот за монтажери „Синематик“

Во Кинотеката на Македонија вечер од 20 часот во рамки на вториот Меѓународен фестивал на филмска монтажа „Синематик“ ќе му биде врачена наградата за животно дело на годинашниот лауреат – познатиот екс-ју монтажер Андрија Зафрановиќ.

Зафрановиќ во 11 часот ќе одржи мастер-клас на Факултетот за драмски уметности во Скопје, а во негова чест на фестивалот „Синематик“ се прикажува филмот „Уставот на Република Хрватска“ во режија на Рајко Грлиќ,

Наградата ја доделуваат Асоцијацијата на филмски професионалци на Македонија и Филмскиот фестивал „Синематик“ посветен на монтажерите.

Зафрановиќ е познат по монтажата на „Татко на службен пат“ и „Дом за бесење“ на Емир Кустурица, „Балкански шпион“, а во последно време работеше на три македонски филма – „Деца на сонцето“ од Антонио Митриќески, „Медена ноќ“ на Иво Трајков и „Златна петорка“ на Горан Тренчовски, како и на малцинската македонска копродукција „Устав на Република Хрватска“.

Андрија Зафрановиќ (1949) дипломирал на катедрата за филмска и ТВ монтажа на ФАМУ во Прага. Со години беше редовен професор и шеф на катедра на Факултетот за драмски уметности во Белград, а од 2009 година е редовен професор на ФАМУ во Прага. Има освоено три награди „Златна арена“ за монтажа на филмскиот фестивал во Пула за филмовите: „Кралски воз“ (1981), „Балкански шпион“ (1984), „Вечерни ѕвона“ (1986).