Едмонд Адеми, министер без ресор задолжен за дијаспора

Една година сте на функцијата министер без ресор задолжен за дијаспора. Со кои предизвици се соочивте во вашата работа и кои проекти ги реализиравте?  

По долго време и првпат една Влада именува министер задолжен за дијаспора. Предизвиците беа големи, имајќи го предвид фактот дека почнувате од нула и со оглед на тоа дека целиот систем на функционирање и соработка со дијаспората мора да го подигнете на повисоко политичко ниво. Да тргнете од нула и полека да го градите. Можам да заклучам дека по една година на оваа функција, за овој период, е направено доста, во рамки на овие услови и можности кои ги имавме. Верувам дека сето тоа во следниот период ќе биде надоградено и развиено и следуваат нови проекти и активности кои се од интерес на дијаспората.

За овие 12 месеци почнавме да ја работиме Националната стратегија за соработка со дијаспората, која е при крај. Имавме доста посети и средби со нашите иселеници и организации од дијаспората. Во Законот за финансиска поддршка на инвестициите, што го донесе Владата, имаше и еден член кој се однесува на инвестициите од дијаспората, го почнавме отворањето на канцеларии за дијаспората по општините…  Во Штип е отворена првата Канцеларија за  соработка со дијаспора, во рамки на локалната самоуправа, а планирано е да се отворат уште неколку, во Македонска Каменица, Могила, Битола, Тетово, Струга…

Факт е дека дијаспората е широко поле на делување од една страна, а од друга страна има многу теми и области кои ги засегаат и секогаш е добредојдено да се има повеќе луѓе кои би можеле да се вклучат во нашата работа. Во овој момент во Кабинетот имам пет луѓе, законските можности се тие и правиме натчовечки напори од она што го имаме максимално да го искористиме. Имам поддршка од Министерството за надворешни работи, имам одлична соработка со министерот Димитров и со целата раководна структура во ова министерство, кои даваат поддршка од аспект на информации и документации. Амбасадите и конзулатите се од голема корист во реализација на она што сакаме како Влада да го направиме, а е поврзано за дијаспората.

Дијаспората бара да има посебно министерство задолжено за нив. И во Националната стратегија која ја работиме, една од целите е  тоа да се реализира. За да се реализира тоа потребно е да се смени Законот за Влада и ни треба двотретинско мнозинство. Верувам дека ако тргнеме со таква иницијатива, можеби во Парламентот би имале поддршка и од опозицијата.

Тука е и Агенцијата за иселеништво, која е посебен владин орган, повеќе на оперативно ниво во реализација, додека јас како министер од оваа позиција сум повеќе на стратешко и политичко планирање за односите со дијаспората. Сметам дека во иднина, без разлика кој и да е на власт, д околку не успее идејата да се формира министерство за дијаспора, важно е да има барем министер за дијаспора. Позицијата на министерот за дијаспора е хоризонтална, односно покрај  политичките и стратешките позиционирања во односите со дијаспората, значи координација и со други министерства кои имаат делумно и надлежности за прашања со дијаспората, како министерствата за внатрешни, за надворешни работи, за образование и наука, за култура, за здравство, за труд и социјална политика…

До каде е изработката на Националната стратегија за соработка со дијаспора 2018-2023?

Националната стратегија за соработка со дијаспората е прв стратешки документ што една Влада во овие 27 години го работи во делот на дијаспората. Стратегијата е при крај и се надевам дека ќе влезе во владина процедура, односно ќе биде усвоена од Владата. Националната стратегија има четири клучни столбови. Првиот е политичко-административниот дел каде се регулира правото на гласање на дијаспората, забрзување на документацијата, создавање на побрз и пофункционален систем за да не се чекаат документи со месеци. Вториот столб е економскиот и инвестициски аспект. Законот за финансиска поддршка на инвестициите иако беше предвиден во Националната стратегијата, веќе е донесен. Во овој дел е и соработка меѓу бизнисите, промоција во туризмот. Третиот столб е за образование, наука и млади. Во овој дел има доста активности за изучување на мајчиниот јазик, зголемување на бројот на наставници кои ќе бидат испратени или веќе живеат и работат во некоја од земјите и ќе можеме како држава да ги искористиме и ангажираме во учење на мајчин јазик на децата на дијаспората, кои се по потекло од Македонија. Во рамки на тој столб се размислува за отворање еден истражувачки центар за прашања и политики од интерес на дијаспората во рамки на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје. Четвртиот столб е за култура и за промоција на културните вредности во Република Македонија, да се промовира културната различност.

Во изработката на Националната стратегија ние сме носители на активноста, а се вклучени претставници на сите оние министерства кои имаат надлежности со дијаспората, како министерствата за финансии, за надворешни работи, за внатрешни, за труд и социјална политика, за образование и наука, за култура, за здравство, Агенцијата за иселеништво, експерти од Македонија, универзитетски професори, поголеми организации од дијаспората како Обединетата македонска диајспора-ОМД, Форумот за демократска Македонија, Сојузот на македонски здруженија од Шведска кои пратија свои ставови и идеи. Се изработува со стручна поддршка на Меѓународната организација за миграции-ИОМ со кои имаме одлична соработка. Се надевам дека оваа Стратегија ќе се донесе до крајот на летото.

Иселениците од Македонија бараат закон за дијаспора. Дали сметате дека тој навистина е потребен? 

Ние сме една од ретките земји во регионот, можеби и единствена која нема закон за дијаспора. Не знам зошто сме немале  и не знам зошто тоа не е направено и верувам дека е потребен таков закон. Ваков закон имаат Србија, Албанија, Косово, БиХ, Хрватска… Во Националната стратегијата како активност е планиран закон за дијаспора. По донесувањето на Стратегијата, како една од активностите е да почнеме со подготовка на закон за дијаспора и да ги уредиме односите на државата со нашите во дијаспората.

Законот за дијаспора најверојанто би требало да биде моја иницијатива, а би се вклучиле различни претставници од повеќе министерства, правници, експерти од надвор. Потребно е време ако сакаме да направиме квалитетен закон кој на крајот ќе има реална имплементација. Сега ќе ја имаме Стратегијата како основа која ќе не води во реализацијата на проектите. Додека се реализираат проектите можеби ќе видиме некои слабости за подоцна со законот поинаку да ги дефинираме.

Изминатиот период неколку пати изјавивте дека дијаспората треба да се идентификува со државата, а не со партијата.  Дали може да ни го објасните тоа? 

Кога одите на посети и средби со иселениците и со организациите го гледате она што го оставиле нашите претходниците. Еден дел од нашата дијаспора е злоупотребена и искористена во политички, партиски цели и тоа сите многу добро го знаеме. Тоа обично беше за изборите, кога на дијаспората и се даде право да гласа, кога добија пратеници… Без разлика на политичка и етничка припадност, сите ние припаѓаме некаде. Кога се работи за дијаспората, кога сите со надвор и се соочуваат со исти проблеми, важна е идентификацијата со државата од која доаѓате. Само така оваа Влада, преку начинот на именување министер задолжен за дијаспора, воспостави систем на инстиционална комуникација, а не партиска меѓу нашите луѓе. Сметаме дека тие луѓе навистина се важни и заслужуваат третман од аспект на тоа дека државата институциопнално се грижи за нив.

Мојата порака е сите да се идентификуваме со државата за да излезат на површина оние луѓе кои навистина вредат. Мене ми се допаѓа идејата на пресликување, она што е во Македонија, етничката различност да биде и надвор. За жал и македонската и албанската диајспора по потекло од Македонија е доста поделена и на некој начин јас се соочувам со две дијаспори. Нека постојат и поединечно, но сакам да видам дека има соработка кога се во прашање интересите на државата. Би сакал во иднина да видам заеднички проекти на една организација од дијаспората на Македонците од Македонија и на една организација од диајспората на Албанците по потекло од Македонија во интерес на државата, пред се во нивен интерес.

Иселениците се согласуваат со мене дека мора да соработуваат. Поделбите во изминатите 27 години во државата, по етничка линија го имале истиот ефект и надвор. Не можете преку ноќ да создадете. Има, не велам дека нема никаква соработка и организација, но да се интензивира и би сакал да видам заеднички проекти и активности. Јас помагам колку можам во надминување на тие предрасуди, ако ги има. Не значи дека треба да се согласуваме за сите прашања, но мораме да комуницираме и соработуваме во интерес на државата.

Дали имате податоци за бројот на иселеници од Македонија и кои се нивните најчести проблеми? 

Немаме конкретен број колку наши иселеници се надвор. Веќе втора и трета генерација на Македонци се раѓаат и живеат надвор, дел од нив добиваат македонско државјанство по основ на родителите, но има и држави во ЕУ и во светот кои не дозволуваат двојно државјанство. Не се знае точниот број, но проценките се дека се околу 500 до 600 илјади, а можеби и повеќе.

Нивните најчести проблеми и во изминатите години се дека немале третман од државата онака како што заслужуваат, а можеби и очекувале, од аспект на документација, инвестиции, поддршка со проекти на нивни организации, промоција на културата и културните активности… Друго е кога имате институција на која можете да и се обратите, имате канал за комуникација. Сега е полесно, пишуваат до мене или до мојот Кабинет и потоа моите вработени ги спроведуваат прашањата до другите институции.  Проблемите горе долу се слични во сите земји каде живеат и работат нашите иселеници, но полека со Националната стратегија и со дел од активностите што ги преземаме колку толку ќе се ублажат и ќе се подобри состојбата. Со тек на време, како што институционално ќе растеме и ќе се развиваме во делот на политиките поврзани со дијаспората, верувам дека и така ќе ја зајакнеме нашата комуникација и оти ќе има се помалку проблеми за нив.

Во изминатиот период остваривте работни посети на Шведска, САД, Швајцарија, Хрватска, Словенија, Малта… Што констатиравте од средбите со нашите иселеници? 

Иселеничките организации во некои земји се поорганзирани, а во некои помалку организирани и тие функционираат на основ на локална заедница. Кај Македонците тоа се црковните општини, а кај Албанците во џамиите, во тој формат се организирани. Има организации како ОМД, Сојузот на организации на Македонците од Шведска, Форумот за демократска Македонија кои се етаблирани организации и функционираат по основ на невладин сектор, имаат активности. Според мене, со Националната стратегија која ќе ја усвоиме и со зајакнување на капацитетите на дипломатско-конзуларните претставништва преку МНР ќе можеме многу повеќе да  комуницираме, да соработуваме и да видиме што можеме ние да направиме како Влада, во реализација на проекти од нивен интерес.

Нашите иселеници немале информации за доста работи во Македонија. Агенцијата за иселеништво и мојот Кабинет имаме веб- страница www.diaspora.gov.mk каде ги има сите информации и нашите активности што ги правиме, како и важни информации и документи за нив. Секогаш кога има нешто правиме напори да ги известиме. Јас сум во секојдневна комуникација со поединци кои пишуваат пораки и пишуваат на социјалната мрежа „фејсбук“ и одговараме на сите можни прашања.

Мислам дека нашите иселеници не бараат многу, а што не може државата да даде. Тоа е односот кон нив, комуникацијата, да бидат третирани рамноправно, да не бидат запоставени од државата. Биле запоставени во минатото и сега ние сакаме тоа да го смениме и да кажеме дека дијаспората не треба да ја гледаме само како гласачко тело или вреќа со пари, кога ќе дојдат тука да потрошат пари. Треба да се гледа малку пошироко. Тие доаѓаат во Македонија еднаш или двапати годишно поради посета на роднини, семејства, поради емотивната врска со сопствената држава. Можеби еден дел од младите би се вратиле доколку ние како држава се правиме во однос на зголемување на платите и квалитетот на живот.

Јас сметам дека не е толку трагично ако некој не се врати во Македонија бидејќи светот е глобален и денес за два часа може да стигнете секаде. Она што е поважно за мене,  а сметам дека треба да биде и за државата, да ги идентификуваме оние луѓе кои работат во различни институции, во важни, влијателни организации како индивидуалци за да можеме во одреден период, кога државата ќе има потреба за таков капацитет да ги искористиме нивните искуства, интелектуални и професионални во интерес на државата. Јас сум запознал доста такви наши индивидуалци во дијаспората кои се подготвени во одреден период, доколку државата побара помош и поддршка од нив, да дојдат да се вклучат и да помогнат.

Дали имате податоци за досегашните инвестиции од иселениците и колкав е интересот за нови инвестиции?

За досегашните инвестиции од иселениците точни статистички  податоци нема затоа што тие не биле евидентирани во посебна категорија. Интерес имало, не велам дека немало во минатото. Пред се има интерес да се инвестира во мали и средни претпријатија и во разговорите со нив ги повикувам да дојдат, да ги искористат можностите за инвестирање во Македонија. Сепак одлуката за инвестирање е на компанијата, а ние како држава имаме должност и обврска да направиме се, да создадеме добри услови, можности и поддршка за да можеме да ги привлечеме.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *