„Бог Господ ја благословил Македонија – па затоа е толку убава. Бог Господ го благословил Македонскиот народ – па затоа сме сеуште тука. Бог Господ го благословил Македонскиот јазик – па затоа ние пееме. Бог Господ го благословил Македонецот да стане Народ Божји. Го благословил со дарот на словесноста, самовластието и слободата. Затоа, бидете бодри и не плашете се!“
Ова е пораката на Неговото Високопреосвештенство митрополитот Преспанско-пелагониски и администратор Австралиски и Новозеландски г. Петар, испратена до нас.
Храбри и достоинствени, чесни и правдољубиви, Богољубиви и братољубиви, да се обновиме со духот на родољубието и заедништвото, за да се запазиме себеси и ја запазиме нашата Македонија.
Македонската Православна Црква низ вековите е духовната мајка на народот Mакедонски, пред Бога одговорна, својот народ да го издигне кон небесните височини, и истовремено, безусловно да му го чува – дарот на слободата.
Затоа сме тука и сме со вас. Да ве увериме дека Владиката, свештенството и монаштвото на Австралиско-новозеландската Епархија се со народот. Едноставно, тоа е така, затоа што и ние сме од народот. Тука сме, со вас сме, рамо до рамо со нашиот народ, за да заедно го зачуваме она што е Божјо во нас – а тоа е Богодаруваната ни слобода. Слобода да суштествуваме, да се самоопределуваме, и именуваме како Македонија и Македонци!
Тука сме, со вас сме, да им кажеме на оние што се огрешувааат пред Бога и кон она што Бог го дал, а е најсветото во секој човек – слободата – да престанат да го прават тоа – да престанат да бидат борци против Бога.
На таквите со љубов и трпение им велиме: Засрамете се, смирете се, вразумете се и покајте се! Отстапете! Стојте подалеку од името на Македонија и Македонскиот јазик, Македонскиот национален идентитет и Македонската Православна Црква на Македонскиот народ! Оставете нè во мир и дозволете му на Македонецот, во својата земја Македонија и насекаде во светот, со својот Македонски јазик, битие и идентитет, да му принесува на светот плодови, плодови достојни и на Бога и да го прославува Божјото име, па и Бог него да го прослави како свој народ.
Им велиме: Внимавајте и разберете! Ние нема да се откажеме од своето. Ние не се плашиме – зашто со нас е Бог!
Нека ни е жива и од Бога благословена Македонија на Македонците, и на оние што достојно ја почитуваат! Амин!
Линк од обраќањето >>>