На 04 Март 2018 година, пред Парламентот на Викторија, Македонците од Мелбурн одржаа мирен протест под слоганот „Ние сме Македонци во одбрана на Македонија“. На 25 илјади граѓани го кренаа својот глас во одбрана на името на Република Македонија и нејзиниот унитарен карактер, Македонскиот јазик, Македонскиот национален идентитет, и упатија силни пораки до Светската јавност.
Со благослов на Неговото Високопреосвештенство митрополитот Преспанско-пелагониски и администратор Австралиски-новозеландски г. Петар, на Мирниот протест, активно учество зедоа свештениците на Австралиско-новозеландската Епархија.
На Протестот, во името на Архиерејот митрополитот г. Петар, се обрати неговиот архиерејскиот заменик во Австралиско-новозеландската Епархија, игуменот Никодим (Солунчев).
На Протестот, Македонците добија подршка од повеќе национални заедници на Австралиското општество. Покрај развиорените македонски знамиња, можеа да се видат и знамињата на: Австралијанците, Русите, Турците, Хрватите, Србите, Босанците и други.
Со надеж дека гласот на народот ќе вроди со плод!
Да е жива и од Бога благословена Македонија на Македонците и на оние што достојно ја почитуваат!