Средба на Османи со делегација од Комисијата за европски политики на Сенатот на Италија

Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи се сретна со италијанските сенатори Ванино Кити и Пјетро Лиуци, кои се и претставници на Комисијата за европски политики на Сенатот на Република Италија, со кои разговарал за евроатлантските перспективи на нашата земја како и за билатералната соработка помеѓу двете земји.

Османи, како што информираат од неговиот кабинет, изрази благодарност за досегашната поддршка од страна на Република Италија за нашите евроатлантски аспирации како и за поддршката на Италија за интеграцијата на земјите од Западен Балкан во ЕУ како основа за регионалната стабилност.

Во таа насока било констатирано дека Република Македонија заслужува напредок во приближувањето кон Европската Унија и НАТО, а соодветно на успехот во отстранувањето на пречките на тој пат, и отпочнување на преговорите за членство во Унијата и покана за членство во Алијансата.

– Улогата на Европскиот парламент, но и на националните парламенти, е клучна за процесот на проширување на Унијата. Резолуцијата усвоена во италијанскиот парламент, која ја обврзува Владата активно да учествува во забрзувањето на процесот на проширување претставува јасно изразена поддршка, истакна Османи.

Османи изразил благодарност и за одличната организација на Самитот на Премиери на земјите од Западниот Балкан во Трст пред неколку месеци, на кој, како дел од Берлинскиот процес, беа најавени значајни средства за поддршка на Коридорот осум во Македонија.

– Финансиската помош што беше најавена во Трст пред неколку месеци беше потврдена пред само два дена, во Франкфурт, каде Управувачкиот Комитет на Инвестициската рамка за Западен Балкан и формално ги одобри седумдесетте милиони евра за пругата кон Бугарија, но и за Основниот проект за автопатот од Скопје кон Косово, истакнал Османи, се вели во соопштението.