Јордан Манасијески, уметникот од Охрид за кого светската критика вели дека дефинира нов правец во современата уметност

„Уметник чии визии ги поставуваат фундаментите на нова современа уметност“. Тоа се зборовите со кои светски познатиот критичар Салваторе Русо го дефинира уметничкиот израз на охридскиот сликар Јордан Манасијески. Русо, чии критики се поместени во светски најпознатите уметнички рецензии, за сликите на Манасијески уште ќе рече дека поседуваат исклучителна сила да пренесат порака, креативна енергија, динамизам на статичното кое никогаш не мирува…Неговите слики ги истражуваат мистериите на умот, следејќи ги и визуелизирајќи го неговиот диктат. Огромна синтеза на знаци, надградена со прецизно избран хроматизам…

Светските изложбени салони и галерии на современа уметност што се во постојана потрага по сликари кои носат новини во уметничкиот израз, веќе една деценија наназад за своите поставки речиси без исклучок ги одбираат делата на Јордан Манасијески.

Критиките од тие изложби, позитивните осврти на врвот на уметничката фела во светот, бројните награди го забележуваат творештвото на Манасијески како нова вредност, креација што нуди нов израз, дури и нов правец во современото сликарство, сликарство што не е продолжение на некој стил, туку сосема нов правец, печат за идните генерации…

Јордан Манасијески е академски сликар кој живее и твори во Охрид, дипломец на Педагошкиот факултет – отсек ликовна уметност во 1969 година, во класата на Вангел Коџоман. Неговите слики се повеќе го привлекуваат вниманието на светските уметнички центри, од светската ликовна критика. Неговите уметнички креации веќе по правило се дел од светската уметничка елита на изложбите во Париз, Рим, Лондон, Њујорк, Фиренца, Рим, Токио, Ватикан…

Почетокот на меѓународната промоција на уметничкото творештво на Манасијески почна во 2009 година кога првпат негова слика е изложена на Есенскиот уметнички салон во Париз, изложба со традиција од над сто години во кој изложувале уметници како Пикасо, Брак, Модиљани…Во конкуренција на 500 уметници сликата на Манасијески влегува меѓу петте најдобри дела за „Гран-при“ наградата на Салонот.

Веднаш потоа Манасијески е поканет 2010 година да биде учесник на Изложбата „Големите сликари на утрешнината“ во Лувр. Десет дена подоцна Јапонската асоцијација за современа уметност упатува покана до Манасијески неговите дела да бидат во состав на нивната поставка на Изложбата во Лувр.

На самата изложба јапонските уметници му доделуваат посебна награда, притоа поканувајќи го да изложи свои дела на најголемиот музеј на современа уметност во Токио, а меѓу четворицата европски уметници вметнати во Годишната енциклопедија за модерна уметност е поместена и биографијата на Јордан Манасијески. Колку јапонската современа уметност високо ја вреднува уметноста на охридскиот сликар говори фактот што на хуманитарниот музички спот што по повод катастрофата со цунамито во Јапонија ја снимија двете најголеми музички ѕвезди во Јапонија е вметната слика на Манасијески…

Следуваат уште многу светски изложби, како онаа во 2011 година на Меѓународното биенале за современа уметност во Фиренца. Комисијата составена од десет врвни светски имиња од критиката во сликарството, кустоси на музеите на Ватикан, њујоршки „Метрополитен“, на музеи од Русија, Кина, Мексико, Индија и професори по современа уметност од Франција, го одбира делото „Визија за радоста“ на Манасијески да биде дел од поставката, притоа наградувајќи го со прекрасни критики.

Универзитетот „Кембриџ“ го поместува Манасијески меѓу најдобрите сто сликари за 2013 година, уметници за кои ценат дека се претставници на новите стилови во сликарството. Тука Манасиевски добива специјален медал „човек на годината“, одликување чија тежина е дотолку поголема што на себе го носи печатот на англиското кралско семејство.

Биографијата на Јордан Манасијески е објавена во специјализираната уметничка енциклопедија „Кој е кој“ за 2013 година, категоризирајќи го како уметник кој остава трајна вредност со посебен квалитет во сликарството, а светската критика го сместува меѓу најрепрезентативните светски уметници на денешнцата.

Во 2015 година на арт салонот „Спектрум“ од Мајами на кој се изложуваат дела што носат новини во сликарството во светски рамки, делата на Манасијески добиват специјална награда за нови дострели во сликарството.

Охридскиот уметник е награден од италијанската критика  што во Ватикан ја организираше во знак на прослава на 500-годишнината од завршувањето на скулптурата „Мојсие“ на големиот Микеланџело.

Манасијевски ја добива и првата награда на Меѓународната изложба на универзална уметност „Леонардо да Винчи“ во Фиренца.

Последната награда од жири-комисијата на овогодинешното Aрт Експо – „Биенале на нациите” одржано во Венеција беше повод да го посетиме во неговиот дом во Охрид каде твори.

За пораките што ги пренесува преку неговата рака, неговиот израз, Манасијески вели дека тоа е творештво на мислата што го води, тој е само продолжена акција на силата што создава се…Неговите слики не со големи димензии, како што самиот ќе рече „до духовноста се стигнува и со едно кандило, не со рефлектори“…

– Сликарството ова кое јас го пренесувам е чисто асоцијативно, експресивно во кое се испреплетуваат и поврзуваат повеќе поими од минатото, сегашното и иднината. Индивидуална е одликата на поединецот и неговите генетските способности дали може тие поими да ги врежи во мислата. Споредување на доброто и лошото, успешното и неуспешното, асоцијативни би рекол спротивности, но делови на целината. Дoбро е доколку човек успее да ги разбуди тие асоцијативни релации во себе, изјави тој.

Часови разговор со уметникот минуваат мошне лесно, без наметнување, опуштено, а се зборува за се, може слободно да се каже најмалку за него и неговите слики. Дури и исклучително позитивните критики за неговото творештво, и тоа од светските центри на уметноста и поединците чии зборови нешто значат во светската уметност, за Манасијески се радост, душевно задоволство и тоа е доволно…

-Мислата човекова достигнува повеќе нивоа…Кога човек ја доживее катарзата веќе го исклучува оној свој личен интерес и калкулативниот белег. Луѓето кои го доживеале прочистувањето, егото го бришат од своите дела, а преку творештвото можат да допрат други димензии, простори…Дури и преку молкот може да се почувствуваат другите простори каде тој веќе живее и твори… Таму поединецот нема потреба ниту да се прејаде, многу да разговара, да се додворува… Можеби делува чудно оттаму што сето тоа е спротивно на секодневниот прагматизам, но голема е радоста кога ќе се достигне таа состојба на душевен мир. Протекција е кога ни е дадена можноста да промислуваме, вели Манасијески.

Радост за уметникот претставува мигот кога успева духовниот сегмент човечки да прочита дел од тешко пристапливите простори што ги претставува…

– Духовниот свет е едно милување каде не се чувствува раката што милува, водата која измива, нешто што не се опишува со збор, ни со материја, тоа е благослов…Искрена душа тешко се отвара доколку не се постигне прочистувањето, вели меѓу другото Манасијески.

Она што е најважно од се е што во целата приказна постои континуитет, творештвото на Манасијески постојано се следи од повеќе центри на уметноста во светот. Континуитет за квалитетот е мошне значен оттаму што не се работи за инцидентен блесок, туку фактот што критиката во делата на Манасијески препознава нова вредност во светската современа уметност.

Потврда повеќе за тоа е поканата во октомври да изложува во приватната галерија на Рути Такер, која е историчар на уметност, а за чија специфична тежина во светот на уметноста најдобро говори податокот дека таа беше долгогодишен кустос на Музејот „Гугенхајм“ во Њујорк. Во нејзината критика за Манасијевски вели дека е „уметник со квалитет на елитен музејски калибар“.

Националната галерија на Македонија е предвидено да издаде публикација со монографија за севкупниот досегашен творечки опус на Манасијевски.