Манастирот Трескавец се обновува според предвидената динамика

Обновата на опожарените конаци на манастирот „Успение на пресвета Богородица“ – Трескавец се одвиваат според роковите иако се остава простор работите да траат уште повеќе од една година, велат од „заводот и музеј“ – Прилеп.

Според Илија Ристески, раководител на проектот за реконструкција и реставрација на опожарените конаци на манастирот Трескавец нема проблеми во текот на обновата во која се вклучени сите мерки за заштита од пожари од кои манасирот страдал трипати во текот на својата седумвековна историја

– Работите за реконструкција и реставрација на опожарените конаци на манастирот „Успение на пресвета Богородица – Трескавец“ се во тек и се одвиваат согласно со планот и проектната докуменација. Согласно договорот во 2018 година работите треба да се привршат и објектот да биде готов. Меѓутоа, со оглед на специфичноста и на теренот и на работите, не е исклучено рокот да се пролонгира и во 2019 година. Безбедноста е зацртана со проектната документација, проектите се ревидирани и според искуствата од опожарувањето на конаците во подолг период, се надваме дека безбедноста на објектот се издигнува на највисоко ниво. Но, секогаш останува прашањето за одговорноста на човечкиот фактор, вели Ристески.

Во манастирот ги затекнавме работниците на изведувачот, српската фирма „Кото“ кои интензивно работат на покривот на конаците. Според Ивица Коциќ од српската фирма „Кото“ времето дозволува максимално да се работи.

– Работите се одвиваат без застој. Времето одговара и ние ќе го искористиме, се надевам до крајот на годинава. Во моментов ги завршуваме работите на покривот на конаците со камен. Се вградува дограмата. Работиме според плановите, вели Коциќ.

Единствениот станар во манастирот, отец Калист ги следи активностите. Посочува дека обновата на манастирот е комплексна зашто е многу битно да се заштити црквата „Успение на пресвета Богородица“ која е на списокот на културни добра во опасност. Таа надворешно е веќе заштитена и се чека проектот за внатрешната конзервација.

– Реставрацијата на опожарените конаци е во поодмината фаза и се надеваме дека ќе се одвива според планираната динамика и следната година ова време ќе го гледаме крајот на обновата, ако не и да биде завршена. За нас најсуштествено е проектот за реставрација и заштита на црквата која, заедно со трпезаријата е на листата на културни добра во опасност. Мерките за превентивна заштита на црквата „Успение на пресвета Богородица“ се во завршна фаза. Во овој момент, црквата сега е заштитена и конзервирана за да може да го пречека завршувањето на проектот за целосна архитектонска консолидација, вели отец Калист.

Очекува наскоро да биде комлетиран тимот за тоа, за целосна реставрација на фрескоживописот и се што е дел од ентериерот на Црквата.

– Во прашање се повеќе проекти. Проектот за обнова на опожарените конаци беше предвидено да се финансира три години од буџетот на државата, и тоа се одвива според планираната динамика. За првентивната заштита на црквата, финансиската конструкција е веќе завршена. За внатрешноста на Црквата проектот се уште не е готов и не знаеме колку стредства ќе бидат потребни. Но министерот за култура Роберт Алаѓозовски најави дека ја имаме целосната поддршка од Министерството, додава отец Калист.

Без разлика што манастирот Трескавец се обновува, тој секогаш го привлекува вниманието на туристите од цел свет. Трескавец е на мапата на речиси сите светски туристички водичи и освен за духовните поклоници, манастирот Трескавец е како магнет за туристите од цел свет.

Конаците на Манастирот Трескавец целосно изгореа во пожарот што го зафати на 4 февруари 2013 година.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *