Заев до опозицијата: Заедно да се израдуваме на добиениот датум за почеток на преговори

Ве поканувам конечно да се израдуваме на убава вест – Македонија доби датум за почеток на преговори во јуни 2019 година. Убаво е некогаш заедно да се израдуваме на позитивни одлуки за Македонија. Мислам дека е дегутатно до ден-денеска да се негира фактот дека Македонија доби датум за преговори, рече премиерот Зоран Заев на седницата за пратенички прашања одговарајќи му на Горан Манојловски од ВМРО-ДПМНЕ кој праша дали Македонија навистина добила датум за почеток на преговори за влез во ЕУ, констатирајќи нереализирани проекти.

Два сериозни аргимента, рече Заев, се доказ за добиениот датум – едниот е дека скрининг процесот во Македонија ќе почне на 17 јули.

– Доказ за тоа е и дека Европскиот совет никогаш повеќе нема да се навраќа на Македонина да утврдува датум за преговори. Конечно фокусот на опозицијата теба да биде насочен дали Македонија ќе чекори во подготвителните фази на скринингот и преговарачката рамка соодветно најдобро можно за во јуни да ги отвори првите поглавја од преговарачкиот процес, истакна Заев.

На прашањето на пратеникот дали ќе постапат согласно со препораките на ЕУ и ќе распишат нов оглас за нов директор на Агенцијата за вработување и ќе го разрешат Спасе Глигоров, премиерот одговори дека Глигоров поднел оставка од партиските органи и тела и си заминал од највисоките тела од СДСМ спгласно со законот.

– Тој професионално си ја врши својата работа и конечно во Македонија јавната администрација се пополнува согласно со потребите, а не по однапред подготвени тефтерчиња институциите да се полнат по партиски потреби. Подеднаква фер шанса добиваат сите граѓани во Македонија, одговори Заев.

Пратеничките прашања почнаа со половина час задоцнување. Седницата за пратенички се одржува во последниот четврток во месецот.

Поради обврски на премиерот Заев во Брисел во четвртокот, седницата беше закажана за 21 јуни, но бидејќи ВМРО-ДПМНЕ одлучија таа недела да не учествуваат во Собранието, беше презакажана за денес.  Пратеникот Драган Данев на почетокот реагираше што во исто време денеска се одржува седницата на Комисијата за европски прашања.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *