Општинските инспектори во Делчево контролираат дали граѓаните користат синтетички материјали, текстил и пластика како алтернативни мерки за затоплување на домовите, но и на фабричките погони.
Од Општина Делчево апелираат до правните и физичките лица, посебно до текстилните фабрики да не ги користат овие материјали за затоплување поради енормното загадување на воздухот. Како што истакна денеска на прес-конференција соработникот за превенција и заштита во Општината, Кире Цоневски, по вчерашниот ден кога густ облак од чад го поклопи градот, нивото на загаденост на воздухот на територијата на Општината е алармантно и штетно по животот и здравјето на граѓаните.
– Апелираме, сите субјекти и граѓани веднаш да престанат со користење штетни материјали за греење. Во тој контекст, Ве известуваме дека надлежните служби веќе се на терен и доколку се констстираат наведените противзаконски дејствија штетни по квалитетот на воздухот и животот и здравјето на граѓаните, против нив ќе бидат преземени сите расположливи законски мерки, истакна Цоневски.
За тоа дека граѓаните на Делчево употребуваат текстил, синтетика и пластика како алтернатива на греењето со дрва, предупреди и хемискиот инженер и комунален инспектор во пензија Крум Николовски, кој апелираше дека треба да се работи на подигање на јавната свест кај граѓаните.
– При согорување на овие материјали се ослободуваат хемиски супстанци фурани кои се канцерогени, потешки се од воздухот и се наоѓаат околу печките во домовите. Треба да им се укаже на граѓаните дека тие, прво самите себе се трујат и нивните деца, а потоа соседите и пошироката околина, истакна Николовски.
Инаку, казните предвидени во законите се движат од 200 евра до 1000 евра. Во Делчево досега не се изречени вакви казни.