Правобранителот бил попустлив кон поранешната власт

На регионалните канцеларии на Народниот правобранител им недостастуваат технички и човечки капацитети, беше речено на денешната дебата во Куманово на која се презентираа наодите од извештајот „Омбудсманот – меѓу граѓаните и институциите“.

Според истражувањето, Народниот правобранител е перцепиран како транспарентна и отворена институција, но граѓаните не се доволно информирани за надлежностите и неговата улога во заштитата на човековите слободи и права. Тие забележуваат дека Правобранителот бил попустлив кон поранешната власт, но констатираат дека во последните две до три години почнал подобро да функционира како заштитник на правата на граѓаните.

– Регионалните канцеларии со големи потешкотии функционираат пред се поради тоа што нема доволно финансиски средства. За да може Народниот правобранител да функционира треба да му биде обезбеден буџет со кој ќе може да располага независно и според своите потреби да вработува луѓе, со оглед на тоа што навистина има многу надлежности, посочи извршната директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права Уранија Пировска.

Истражувањето покажало дека регионалните канцеларии не се задоволни од примената на препораките од институциите, особено од Министерството за внатрешни работи и локалната власт, Агенцијата за катастар, Центрите за социјална работа. Во канцеларијата во Куманово годинава пристигнале околу 230 претставки.

– Минатата година и оваа се што сме побарале, реконструкција на под, проблеми со греење, ги надминуваме, но да дојдете во нашите канцеларии ќе се убедите дека не се тоа што треба да бидат, не заради нас туку заради граѓаните, заради пристапноста. Финансиски не стоиме како што треба како целокупна институција, рече заменик – народниот правобранител во регионалната канцеларија во Куманово Насер Весели.

Извршната директорка на НВО Инфоцентар Билјана Бејкова потенцира дека граѓаните очекуваат Народниот правобранител да биде гласен, да реагира брзо на сите кршења на слободите и правата на граѓаните, како и да биде финансиски целосно независен.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *