Милорад Јовановски, претседател на Друштво за геотехника на Македонија

Македонија беше домаќин на 16. Подунавно-европска конференција за геотехничко инженерство. Што значи одржувањето на конференцијата за државава и кои беа главните заклучоци и пораки?

– На конференција имавме 250 гости, научници-геотехничари и инженери, од 46 држави од  сите континенти, кои разговараа за  искуствата и праксата при геотехничките хазарди и ризици.  На конференцијата и претходеа состаноци на извршните директори при Меѓународното друштво за механика на почви и геотехничко инженерство, меѓу кои претседателот  Чарлс Нг од Хонг Конг, односно 21 раководни лица.   Извршен одбор имаше и Меѓународната тунелска асоцијација од светски рамки и на исто место  се собраа сите водечки први лица од овие бранши во светот.  И претходно имавме добри релации со меѓународното здружение, секако и пријателите од подунавската зона, а сега се подигнати на уште повисоко ниво. Конференцијата е голема придобивка особено за идните генерации кои во иднина имаат отворени врати насекаде во светот.

На конференцијата беа презентирани голем број трудови со искуства за  поплави, свлечишта, одрони, подземни тунели. Секаде во светот оваа област добива на значење токму поради непогодите. Заклучоците беа сите овие искуства да се артикулираат овде во Балканскиот регион и течението нa Дунав во слични стандарди за решавање вакви проблеми. Домаќин на следната конференција за четири години ќе биде Романија и се надевам дека дотогаш се ќе биде вклопено во заеднички стандарди и практики.

Kои се најголемите геотехнички предизвици се кои се соочува светот и има ли специфичности за македонско тло?

– Најголемите геотехнички предизвици секаде во светот се исти, свлечишта, течење материјал при интензивни врнежи, одрони,  во подземната  градба исто така се можни колапси при ископ. Во Македонија нема некоја посебна разлика, она што го мачи светот не мачи и нас.  Кај нас дури и некои работи се поблаго изразени во однос на светот каде имаше многу големи случувања  и во најразвиените држави како Америка, Бразил, Јапонија, во однос на нас каде условно речено на ниво на регулатива сме на пониско ниво.

Во последно време се посветува  внимание на климатските промени врз изведените косини. Од она што досега е изведено се случува заради климатските промени, особено краткотрајни интензивни врнежи како што имавме изминатиот период, дел од косините кои  со години биле стабилни, да пројават одредена нестабилност. Таков проект беше предложен во Брисел уште пред неколку години Европската комисија го прифати и сега оди на ниво на цела Европа за да се справиме со сите идни случувања.

Колку сме подготвени како држава да одговориме на таквите предизвици?

– Како држава имаме направено одредени подготовки, имаме Центар за управување со кризи, надлежни министерства. Можеби треба малку повеќе да се интегрира овој дел  за справување со ризици од природни фактори, со оглед на пример сега такви овластувања има Министерството за транспорт, дел се во Министерството за животна средина поврзано со влијание на водите. Можеби треба покроодинирано да се поврземе, да се донесат  сите директиви и постепено во годишните владини програми да се издвојуваат повеќе средства за систематско решавање на овие аспекти. Значи, што подобри плански програми направиме, толку помали ќе ни бидат последиците во иднина, иако нормално не може  секогаш да се каже еве оваа година ќе има земјотреси, поплави, но добро е да има плански издвоени средства за навремени санации  при такви појави. Секаде во светот и кај нас тоа е неизбежно,  ќе ги има тие работи,  но колку повеќе се подготвиме со регулативата која ни недостига во одредени делови и со институционално поврзување, ќе биде подобар одговорот.

Kолку за ова ќе помогне катастарот за  природни непогоди?

–  Токму за таков катастар мојот колега Игор Пешевски има направено докторска дисертација и ги има ставено во една база на податоци сите познати свлечишта и се знаат тие каде се, но треба тој катастар да се доразработи и за подземни води на пример. Тука на пример има доста чекори направено Министерството за животна средина, но тоа треба да се разработи добро, да се интегрира во еден информациски систем каде бргу би се одвивала размената. Токму тој систем би помогнал многу за брза реакција, координација помеѓу министерствата, да се прават подобри планови за заштита.  Примерите од  Тетовско во Порој и во другите населени места каде имаше многу проблеми  треба да  ни биде поука да се вложат повеќе пари за да се намалат негативните ефекти во иднина.

Како го оценувате развојот на геотехничкото  инженерство во Македонија?

– Геотехничкото инженерство има традиција почната официјално од 1949 година, кога во рамки на поранешна Југославија имаше друштво за фундирање  и геотехнилка. По распадот на Југославија имаме формира наше друштво кое поетои веќе 20 години. Имаме  посебна студиска програма за геотехника во рамки на Градежниот факултет, каде веќе имаме доста добро едуциран кадар од таа област и веќе се обучени за справување со предизвиците во областа.  Имаме добра комуникација со меѓународните здруженија, аособено  со околните држави. На ниво на Комората на овластени архитекти и инженери има посебно одделение за геотехника покрај за градежништво, што значи дека и таму сме препознаени. Сметам дека  од 1949 година до денес стоиме добро, останува на младите генерации она што го создале нивните претходници да го доразвиваат, да се пробиваат во светот.

Колку кадри годишно се продуцираат од оваа струка?

–  Во последните седум-осум годони интересот за  студирање генерално на градежништво е доста солиден. На  Факултетот имаме три главни насоки: градежништво, геодезија и геотехника. Интересот е особено голем на градежнитво и геодезија и тоа е на некој начин добро бидејќи во минатите  години кога градежништвоито беше малку во криза имавме одлив на кадар.  Интересот  на геотехника е задоволителен, но тука и не бараме многу студенти, односно одреден  број кој сега е доволен   за да ги задоволи потребите согласно нашиот пазар.

Зошто и покрај толкавиот развој на науката и технологијата  се уште со соочуваме со поплавени сообраќајници во градски подрачја, свлечишта на нови патишта, … каде се греши?

– Во проектите секогаш се даваат  одредени технички решенија со одредена доза на сигурност, а во последно време се воведува и т.н термин веројатност на појава. Така што, секогаш е избор дали ќе треба да одиме од старт со предимензионирани решенија или ќе дозволиме да се  случи одредено ниво на ризик, кое во фаза на градба ќе се санира. Ако се вложи премногу од страт ќе биде прескапо, но тоа веќе е разработена технологија, малку е посовремена.  Особено во старите проекти тој дел не беше анализиран, но на некој начин тоа е природа, особено кај линиски објекти долги со километри или кај хидротехнички објекти од тип на брани колку и да има добри истраги не може секогаш се да се  предвиди па во фаза на изградба и се модифицираат решенија како треба да се корегираат. Тоа е и светска практика, има примери и во околината.  Тоа е на некој начин она што се вика мала судбина, а на нас е како  инженери и проектанти ако ги применуваме сите познати техники и ако од почеток инвеститорите  да речеме условно повеќе да вложат во фазите на изведба во иднина  ќе бидат последиците помали. Ако не, тогаш се планира  дека дел од тоа ќе се одржува и рехабилитира. Тоа се вика ниво на пресметан ризик. Дури и се пресметува колку би чинела загуба на човечки живот ако не се преземе се на време. Има разни примери и од Америка и кај нас.  Не се мисли дека свесно  ќе имаме загуба на живот, туку да се вложи за да не дојде до тоа. Тоа се повеќе добива на значење во светот и за среќа и нашите наделжени  институции како Агенцијата за државни патишта веќе посветува големо внимание  и сметам дека во иднина ќе бидеме подобри во тој аспект од сега. На ниво на свет и со сите мерки и во Америка и во други држави  годишнои има над 250.000 човечки загуби. Значи што и да се прави сепак постои некој ризик, од земјотреси, вулкани,  свечишта, одрони, поплави, и наназад со години има по 250.000 човечки жртви. Што и да се прави со природата треба да биде со голема внимателност. Добро е да се преземат што повеќе мерки од почеток, но понекогаш на почеток секогаш недостигаат средтсва, и некако се прави некаков баланс меѓу едното и другото.

Ги спомнавте свлечиштата, а тие се еден од предметите за кои им пренесувате знаења и на студентите. Како се соочуваме со овие проблеми, со оглед на реакции дека постапките за нивно отстранување се бавни? 

– Свечиштата ги има насекаде во светот и кај нас, секогаш настануваат од серија причини. Може некоја косина со години да биде стабилна и наеднаш да проработи. Оосбено кај одроните, тие се такви  појави. Има зони  со одрони кои што ги знаеме, ама кога  одренот ќе се случи прогнозата е исто толку  тешка како да знаеме кога ќе се случи земјотрес.   Иако знаеме дека  скопската котлина е земјотресно подрачје  никој нема да каже кога ќе се случи земјотрес, Една од причините е самата непредвидливост на процесот,  а второ тука  е кога ќе има интензивни врнежи нагло заситување на почва предизвикува такви движења. Постапката не е никогаш иста.  Работата на свелечиште е најтежок проблем во градежништвото и геотехниката, иако се на прв  поглед слични ниту едно свлечиште не е од ист карактер. Некогаш брзата интервенција  може да направи да биде полошо. Може брзо да го исчистиме во некоја зона, но да го реактивираме со поголема маса. Затоа понекогаш на прв поглед личи дека трае долго. Кај одроните можеби  може малку побрзо да се интервенира, но мора внимателно. Кога ќе не повика некој  како експерти кажуваме на пример  дека може да се реши за два дена, но некогаш и за една година ако треба да се пренасочува сообраќај. Подобро е еднаш да се реши проблемот отколку да се направи нешто набрзина и повторно да се бавраќаме. Значи, понекогаш треба трпение и од населението кое треба и да се едуцира дека не секогаш брзо решение ќе даде добивка. Материјата е многу суптилна, секогаш се сака побрзо, но не еможно. Имало случи како на пример кај Битола каде патот беше затворен скоро  година и сега проблемот е комплетно решен со мерки со кои нема да се појави никогаш во таа зона.  Тука е важно и дали инвеститорите ќе го прифатат тој став бидејќи тие се постојано под поголем притисок и од медиумите и од населението. Во се треба балансирање  и да се согледаат работите и од стручен аспект, инвеститорски и  од аспект на социјално живеење. Ако  се оди така трпеливо ќе има резултати, а ако се брза ќе нема напредок.

Се користи ли доволно експертизата на оваа фела при носење  одлуки за капитални објекти? 

– Препораките од фелата се користат кај нас  до одредно ниво сигурно. Пак ќе кажам зависи од институција до институција, тука може да се истакнат АД ЕЛЕМ, ЈП за државни патишта, па и Македонски железници во последно време прифатија дека треба се да биде по најсовремени стандарди, иако на почеток можеби ќе чини  повеќе. Можеби во минатото сакајќи нешто на почеток да заштедиме заради кратки рокови до крај нема се да се испочитува, но некако се комуницира на ниво на стручна фела и инвеститори, но на крај државата пресекува што кога ќе се одвива временски. Секогаш има простор за подобрување, јас сум релативно задоволен во последните години и сега,  бидејќи се  сваќа дека треба да се почитува фелата. Има нели и други примери но тоа нека биде поука оти и на ниво на одлучувачи на  ниво на политика и јавни претпријатија и на научна фела меѓусебно што повеќе да комуницираат  како еден складен тим за да се елиминират што повеќе проблеми во самата фаза на градба и одржување. И во тој идеален случај, пак нешто ќе се случи но секако дека ќе биде во помал обем.

Дозволиви ли се тогаш примерите кои изминатиот период ги кажуваа политичарите за промашени траси на автопат во изградба…

–   На политичарите  малку им беше  пласирана погрешна теза дека се промашени трасите. Не се промашени трасите и  тоа сега се знае, но една условно речено шпекулација ако се прошури на несоодветен начин му се прави на некој начин лоша услуга на тој  што ќе даде изјава. Значи трасата не е промашена,  во Законот за градба има во фаза на градба прилагодување на проектот кон реална изведна на состојба. Трасите се тие, нема промашувања. Има измени на пример да се ублажи некоја косина во однос на проектот, но самите траси се како во проектот.  Не знам како дојде до тоа,  во јавноста  излегоа такви информации, но тоа не е точно, мислам дека и надзорите  на автопатиштата тоа го потврдија низ некои нивни изјави.  Факт е дека има навистина понекое  свечиште на некои делници, ублажување на косини има сигурно,  во тунел кога копате е предвидена една категорија, а ќе излезе друга, тоа се случува на трасите.

Членовите на вашето здружение беа ли ангажини од некаков аспект на тој проект?

–    Наши членови  се главно  во фаза на конструктивни услуги, но како  проектанти не сме директно вклучени во самите проекти. Низ години за главните наши компании сме биле вклучени во конструктивниот дел и тука колку  што се можело со рокови и достапни средства сме помагале. Дали секогаш била  или не добра комуникацијата тоа е за дискусија но сме биле секогаш вклучувани во сите фази на еден или на друг начин.

Што би порачале за градењето на идните капитални проекти?

–  За среќа во Македонија имаме што да градиме уште,  како браните Чебрен и Галиште, Бошков мост, од автопатите влегува во комбинација делот од граница со  Косово кај Блаце кој треба да се допроектира,  од аспект на железницата се завршени основните проекти и во тој дел ќе треба да се оди  поинтензивно во градба во иднина зависно од средствата што ги ги добиле. Пораките се што е можно подобра комуникација меѓу сите одлучувачки делови во некој процес, почнувајќи од стручна фела до инвеститор и на крај крајните решенија. Мислам дека на тој начин во иднина ќе биде условно подобро бидејќи сега веќе нивото на стандарди и нови практики се инкорпорирани во новите проекти, ќе има по некој проблем,  се надевам дека ќе нема големи отстапувања, но таква е природата. Што подобра комуникација меѓу сите нивоа, бидејќи едно размислува проектант, друго консултант, трето инвеститор. Кога ќе ги спојат заеднички ставовите тогаш ќе има ефект. Ако дивергираат тогаш ќе биде потешко за сите.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *