Гувернерката на НБРМ Ангеловска-Бежоска на конференција во Швајцарија

Гувернерката на Народната банка на Република Македонија Анита Ангеловска-Бежоска денеска и утре во Швајцарија учествува на два настана на Банката за меѓународни порамнувања (БИС), важни за развојот на меѓународната соработка во областите на монетарната и финансиската стабилност и за унапредување на комуникацијата меѓу централните банки за клучните теми коишто го засегаат централнобанкарското работење на глобално ниво.

Како што соопшти НБРМ, денеска таа учествува на 17. Годишна конференција на оваа најстара меѓународна финансиска институција, на која во Цирих гувернери и експерти од централните банки, високи претставници на Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и универзитетски професори и истражувачи дискутираат на тема „Десет години по Големата финансиска криза: што е сменето?“.

– Претпладневните сесии на Конференцијата беа посветени на карактеристиките на новиот глобален финансиски систем и на прашањето дали во изминативе десет години, на светско ниво, се промени инфлацискиот процес ‒ начинот на формирање на цените, нивната динамика и фундаменталните врски со нивните главни детерминанти. Попладнево, учесниците ќе дискутираат за тоа дали сега, по завршувањето на кризата, глобалниот финансискиот систем е поотпорен на шокови од претходно. Одделна сесија ќе им биде посветена и на клучните предизвици во координацијата на меѓународната политика којашто ја спроведуваат централните банки, соопшти НБРМ.

Оваа конференција е еден од неколкуте настани преку кои БИС секоја година ја остварува својата улога на форум за дискусија и анализи меѓу централните банки и меѓу чинителите на меѓународната финансиска заедница, воопшто.

– Учеството на гувернерката Ангеловска-Бежоска на годинашново издание на овој традиционален настан е уште една потврда на определбата НБРМ и натаму да биде активен учесник во ваквите дебати и анализи кои се клучни за монетарната политика и монетарните движења во глобални рамки, наведува Народната банка на РМ.

Гувернерката на НБРМ утре ќе учествува на 88. годишно генерално собрание на БИС, коешто секоја година се одржува во Базел. На Собранието ќе учествуваат високи претставници на шеесетте централни банки и монетарни институции кои членуваат во БИС и имаат право на глас и учество на ваквите собири, меѓу кои е и НБРМ.

Ангеловска-Бежоска ќе го искористи учеството на Собранието и за билатерални средби со повеќе гувернери на централни банки коишто се членки на БИС, заради унапредување на позицијата на НБРМ во меѓународната централнобанкарска заедница

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *