Следните недели ќе се формира комисија за измени на учебниците – ќе менуваат и Македонија и Грција

Следните недели ќе биде формирана комисија, која ќе работи  на ревидирање на учебниците, при што менување ќе има и во Македонија и во Грција.

Ова го истакна вечерва шефот на македонската дипломатија Никола Димитров во интервју за Топ тема.

– Учебници ќе менувата и двете страни. Тоа ќе биде долг процес, кој почнува со едно нормализирање и пријателство. Комисијата е единствената обврска што се применува и на некој начин се употребува пред ратификациите, пред договорот да влезе во сила. Рокот е кус за формирање на таа комисија, Следните недели ќе треба да се формира комисија, да се најдат вистинските експерти, нивни, наши, тоа ќе биде долгорочен процес, рече Димитров.

На прашањето од кога всушност почнува македонската историја, Димитров вели дека тоа е прашање на историчарите, а тој по професија е правник.

– Но како граѓанин знам дека мојот јазик е еден од јужнословенските, нашата култура, традиција, самобитност, преродбеништво….мислам дека за нас е здраво да си бидеме горди на своето и мислам дека таа авантура треба да заврши, нагласи Димитров.

Прашан дали претходно било прифатено ерга омнес или некое друго име Димитров рече дека не располагаат со целосната архива на водеењето на преговорите и додаде дека не секогаш се користеле формални канали на комуникација.

– Имало партиско политички канали и други линии на блискост. Сметам дека ќе биде потребно долго истражување од група експерти за да се направи целосна слика. Ние пораснавме, па и остаревме со ова, рече Димитров.

Посочи дека никој не не присилил на ова и изрази зачуденост што во јавноста има шпекулации дека ова било нечиј план или меѓународен план.

На прашањето зошто ерга омнес, одговори бидејќи во спротивно немало да има договор.

– Зошто немаше да има договор. Тоа беше позиција на Атина и за тоа немам дилема. Ако стоевме на двојна формула, немаше да има договор. Постојат две мислења едно е дека двојната формула го држи проблемот отворен. Второ таа двојност како да ја држи раната отворена. Ако инсистиравме на опфат различен од севкупна употреба немаше да дојдеме до договор. Последно опфатот е многу тесно врзан со името. Дали за нас ќе беше поприфатливо пример балканска република за меѓународна, за да дома го зачуваме Република Македонија. Реакцијата на двете опозиции јасно покажува колку е длабок проблемот, рече Димитров.