Спасовски: Македонија не е крајна дестинација на мигрантите, но го надогради Законот за азил

Република Македонија не може да се класифицира како земја крајна дестинација во мигрантските движења, туку е само коридор за лицата бегалци, но тоа никако не ја исклучува обврската и потребата од донесување на опфатна, квалитетна и издржана законска регулатива во поглед на меѓународната и правна заштита, порача денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски  на в тората сесија на Работната група 4 – Правда, слобода и безбедност (Поглавје 24) на тема „АЗИЛ – меѓународна и привремена заштита“.

– Токму поради тоа од почетокот на минатата деценија, поточно од 2003 година наваму проблематиката на азилот имаше свој институционален и нормативен третман, при што тргнувајќи од нашите евроинтеграциски заложби од императивно значење беше воспоставувањето регулатива која ќе почива врз сите важечки меѓународни правни стандарди и ќе биде во целост хармонизирана со правните практики на Европската унија, истакна Спасовски.

Потсети дека пред два месеца стапи во сила новиот Закон за меѓународна и привремена заштата, како своевидна надградба на претходниот Закон за азил и привремена заштита. Појасни дека со овој нов надополнет законски акт се прави значително допрецизирање на одредбите што ги дефинираат статусот, процедурите, постапките во процесот на меѓународна и привремена заштита на лицата бегалци, но и на новините особено околу условите и механизмите за ограничување на правото за слобода на движење на лицата баратели на азил, притоа целосно следејќи ги директивите на Европската унија од оваа област.

Според министерот Спасовски, станува збор за квалитетна правна рамка, фундирана врз почитување на постоечката домашна регулатива но и врз нашите обврски произлезени од декларираната заложба за целосно интегрирање во ЕУ. Таа, правна рамка, рече тој, треба, во периодот што е пред нас, да резултира со донесување низа подзаконски и други акти кои ќе треба да обезбедат институционална оперативност и функционалност на законот, негово системско имплементирање, повеќеинституционално делување, но и зголемување на степенот на регионална и меѓународна соработка.

Во однос на темите Македонија во надворешниот контекст на бегалската криза и азилот како меѓународна и привремена заштита, свои излагања имаа професорите Блерим Река и Трпе Стојановски, а на конференцијата беа изнесени и предлог препораките како што е потребата од воведување ефикасен начин на евиденција и регистрација на мигрантите и преземање на мерки за похумано прифаќање и постапување со ранливите групи во прифатните центри.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *