Поканата за Македонија ставена како точка на Самитот на НАТО во Брисел (ДПЛ)

Северноатлантскиот совет денеска донел едногласна одлука да ја стави точката за покана на Македонија во НАТО на самитот на Алијансата на 11 и 12 јули во Брисел, објави денеска од собраниската говорница премиерот Зоран Заев.

Со тоа, рече премиерот Заев се остваруваат вековните аспирации на сите генерации пред нас и на сите граѓани на Македонија.

– Им се заблагодарувам на помалубројните етнички заедници во Македонија што покажаа солидарност кон нас, Македонците по ова прашање. Ја чувствуваа државата како своја, тоа е уште една потврда за сите заедници во Македонија, рече Заев.

Тој им се заблагодари на политичарите од претходните гарнитури, но и на Никола Димитров и неговиот тим експерти, на Бујар Османи и на Радмила Шекеринска, на сите министри, како и на сите кои биле директно вклучени во целиот овој процес.

Премиерот изрази благодарност и на опозицијата и на претседателот Ѓорге Иванов и рече дека е оптимист и очекува и тие да се приклучат на македонската иднина.

– По ратификацијата на договорот следуваат референдумот, уставните измени, ратификација во грчкиот Парламент и конечно фокус на економијата и другите ставки. Треба да знаат граѓаните дека со секое отварање на секое поглавје на ЕУ влегува и имплементирање дома, тоа ја прави Грција пријател на државата, рече Заев.

Премиерот пред пратениците пососчи дека покривот на куќата се поправа додека грее сонце.

– Сега грее сонце, ајде да го поправиме и конечно да го поставиме кровот на нашата заедничка Македонија. Никогаш повеќе да не дозволиме да ни прокиснува нашиот кров, истакна Заев.

Сите, како што рече премиерот Заев, мора да бидеме исправени сериозно пред олдуката која ја носиме и конечно да бидеме нормална земја со тапија која ќе биде еднаква со сите, ќе седи рамо до рамо со сите, ќе го јакне нашиот идентитетот и ќе бидеме сите заедно горди граѓани на нашата Македонија.

Претходно, и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг најави дека е можно да биде испратена покана за членство на Македонија во Алијансата на самитот што на 11 и 12 јули ќе се одржи во Брисел, откако Скопје и Атина постигнаа договор за спроот за името.

– Се надевам дека ќе има напредок со поранешната југословенска Република Македонија бидејќи тие постигнаа договор со Грција за проблемот со името. Ако тој договор биде финализиран и целосно применет новото име ќе биде Република Северна Македонија и тогаш можеме да тргнеме кон членство на поранешната југословенска Република Македонија во НАТО. Искрено се надевам дека тоа ќе можеме да го направиме, изјави Столтенберг во интервју за француската телевизија „Франс 24“.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *