Концерт „Од класика до вариете“ со Александар Коловски и Ана Кришталева

Македонскиот виртуоз на хармоника Александар Коловски, заедно со Ана Кришталева од Русија – хармоника, вечер ќе одржи концерт во Македонската филхармонија.

Концертот е насловен „Од класика до вариете“, а двајцата повеќенаградувани уметници ќе изведат комплексни и атрактивни дела од Пјацола, Брамс, Скарлати, Григ..

Истакнатиот македонски музички уметник Александар Коловски, е роден во Скопје во 1990 година. Дипломирал на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на професорот Златко Мадевски, а во 2018 година магистрирал на Универзитетот „Антон Брукнер“ во Линц, Австрија, во класата на професор Алфред Мелихар. Коловски редовно настапувал на концерти и на фестивали низ Европа, Кина и Русија.

Од 2009 до 2012 година тој бил еден од студентите на професорот Фредерик Дешамп од Франција. Покрај класичната музика, во Франција во 2010 година Коловски почнал да се занимава и со изведба на т.н. вариете музика. Критиката ќе го оцени како „изведувач познат по својот темперамент, виртуозност и импресивна техника“. Има освоено први места на повеќе натпревари во Франција и Италија. Тој е добитник и на наградата „Виртуози“ во 2014 година, во категоријата „Млад музички уметник“ што ја доделуваат Министерство за култура, Македонската опера и балет и Македонската филхармонија.

Ана Кришталева е родена во Армавир, Русија во 1996 година. Основното музичко образование го завршила во новокубанското детско музичко училиште, во класата на професор Михаил Бојко. Во 2014 година се запишала на Ростовскиот музички колеџ во класата на познатиот професор и заслужен артист на Русија, Јури Шишкин. Нејзиниот репертоар е богат и вклучува композиции од различни музички епохи, дела од Менделсон, Григ, Московски, Лекуона, Кусјаков, Бах, Шчедрин, Семионов…, како и композиции од руската народна музика.

Кришталева редовно настапува на натпревари, како и на концерти во Русија и надвор од земјата, а нејзините изведби се високо позитивно оценети од страна на критиката и опишани како „интерпретации исполнети со страст и длабочина, во комбинација со долги и драматични скали, деликатен опсег на звукот и брилијантна техника…“.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *