До крајот на 2018-та ќе треба да се заврши со сите предвидени обврски и чекори од македонска страна и ратификацијата во грчкиот парламент и македонското собрание, а со тоа и официјално стапување во сила на договорот меѓу двете земји, коментираат грчки владини извори, јави дописничката на МИА од Атина.
Според предвиденото во овој период до крајот на годината, по потпишувањето на договорот, прво ќе треба собранието да даде зелено светло, потоа Македонија да одржи референдум, исходот да биде позитивен, да направи уставни измени, а потоа договорот да стигне на гласање во грчкиот парламент.
Истите извори од грчката влада ги коментираат придобивките од договорот, што тој значи за Грција и што во кратки црти содржи. Грција ќе ја признае Македонија под името Северна Македонија, но како што се изговара и како што се пишува (на латиница) на македонски јазик.
Во 16 точки, кои ги пренесува МИА, грчкиот владин извор објаснува како договорот се толкува во Грција и кои се придобивките од него за јужниот сосед.
1. Договорот целосно одговара на националната линија, што земјата веќе 20 години ја има за сложено име со географска одредница за ерга омнес употреба.
2. Прифаќањето на ерга омнес е голем дипломатски успех за Грција.
3. Името Република Северна Македонија, што од нашата земја ќе биде признато како Северна Македонија (без превод на грчки) става крај на иредентизмот што го имаше името Република Македонија, кое беше уставно име на земјата.
4. Владата не само што постигна прифаќање на ерга омнес, туку и обврска на соседот за итна уставна ревизија.
5. Уставната ревизија е голема победа за Грција, со оглед на тоа дека не беше вклучено во националната линија во последните 20 години.
6. Договорот предвидува, Грција да направи ратификација само откако ќе се заврши уставната ревизија во соседната земја.
7. Со овој договор ја враќаме назад нашата истрија, симболите и нашата традиција, бидејќи соседната земја јасно го прифаќа разграничувањето меѓу Грците Македонци на античката грчка цивилизација, нивниот јазик и областа во која живеат, од една страна и народот на соседната земја со нивна историја, јазичните и културни карактеристики од друга страна.
8. Името ќе биде регистрирано во Уставот на ПЈРМ со неопходната ревизија. Паралелно над 140те земји што денес ја признаваат земјата со терминот Македонија, ќе ја признаат како Северна Македонија.
9. Името целосно ја разграничува оваа земја од грчката Македонија и трите региони (Источна, Централна, Западна).
10. Крајот на иредентизам веќе и на официјален начин се потврдува бидејќи постојат гаранции на јасен и категоричен начин.
11. Се обезбеди елиминирање на сите иредентистички наводи од Уставот на нашиот сосед. На пример: а) се заменува членот за поддршка на нивните иселеници со копија на соодветниот член во грчкиот Устав. Во овој контекст, се отстрануваат наводите за заштита на „македонското малцинство” во соседните земји б) се заменува членот за заштитата на границите, елиминирајќи било какви проблематични наводи, в) се отстрануваат било кои дури и индиректни историски наводи за иредентистички претензии во преамбулата на Уставот.
12. Договорот предвидува државјанството/националност во Северна Македонија да биде Macedonian/citizen of the Republic of North Macedonia. Овој термин го заменува терминот „Macedonian“ што е запишан патните документи. Грција ќе го признае државјанството како “граѓани на Северна Македонија”.
Постои разлика меѓу термините државјанството/националност (nationality) од етничка припадност/нација(ethnicity) од друга. Според тоа, договорот не признава нација, народ, туку правото на самоопределување на граѓаните на соседната земја.
13. Нашите соседи веќе го сменија името на аеродромот, на нивниот автопат и стадионот. Ќе има или размена на споменици со општина Солун, или во случај доколку размената не се направи, договорот предвидува дека соседната земја ќе постави натписи на статуите и спомениците за да биде јасно дека тие се симболи на грчката култура (на пример, на Коњаникот на плоштадот во Скопје ќе има натпис дека се однесува на хеленистичкиот период и ќе биде додадено дека го симболизира пријателството меѓу Грција – ПЈРМ).
14. И покрај фактот што јазикот Macedonian language беше признат од Грција во рамките на ОН, уште од 1977 година, договорот содржи дополнителна јасна формулација дека припаѓа на групата јужнословенски јазици, како и јасна назнака дека овој јазик се разликува од античката грчка цивилизација и грчко-македонското јазично наследство.
15. Сите придавки и одредници на државни и пошироките јавни институции, организации како и на иселенички/културни организации што се финансирани од државата ќе бидат дефинирани со терминот „Северна Македонија”, со паралелно укинување на одреденицата „на Македонија“.
16. Ќе се формира работна група на експерти, која од 2019 и во рок од 3 години ќе треба да ги реши прашањата за трговските симболи.
Грчките владини извори откриваат дека членот 7 од договорот, се однесува на тоа како двете земји гледаат на терминот Македонија и изведените зборови, односно дека „страните признаваат дека перцепцијата од двете страни на термините „Македонија” и „македонски / Македонец” се однесуваат на различна историска рамка и културно наследство. Во конкретниот член се споменува дека македонскиот јазик припаѓа на групата јужнословенски јазици.
Истите извори, пренесе МИА, објаснуваат зошто беше потребно сега да се затвори долгогодишниот спор меѓу двете земји, а не да се остави за во иднина.
– Префрлувањето на решението во некој момент во иднина ќе: доведеше до дополнителна дестабилизација на земјата (која лани помина тешка криза) со последици за безбедноста на нашата земја. Ќе зајакнеше улогата на трети сили на нашата северна граница. Ќе ги ослабеше прогресивните сили што сакаат решение во конкретната земја, одново отворајќи го патот за националистички сили во соседната земја, коментираат владини извори од Грција.