Жарко Башески го отвори „Арт капитал фестивал“ во Унгарија

Скулпторот и професор на Факултетот за ликовна уметност Жарко Башески со видеообраќање на лед-екран поставен на Дунав официјално го отвори третиот „Арт капитал фестивал во Сентандреја, Унгарија.

Тој учествува со своето најново дело „Asphyxia“ (Гушење) на годинашното издание на фестивалот, кој почна на 9-ти и ќе трае до 24 јуни. Покрај неговото, учествуваат и делата на Јоко Оно, Рита Акерман, Моника Баер и други светски реномирани уметници.

– Огромна чест претставува да се учествува на фестивал од ваков калибар и да се изложува заедно со имиња од светски ранг. Благодарен сум на „Арт капитал“ за можноста вторпат на интернационалната јавност да ѝ претставам дел од македонската современа уметност. Минатата година имавме одлична соработка и, што е најважно за мене, публиката позитивно одговори на пораките кои делата ги пренесуваат, изјави Башески.

Минатата година тој дебитираше на „Арт капитал фестивалот“ со повеќе дела. Габор Гулиас, уметнички директор на фестивалот, истакнува дека по минатогодишната успешна соработка, оваа година одлучиле Башески да биде меѓу уметниците кои ќе го отворат фестивалот.

– Неговиот хиперреалистичен начин на изразување гради еден неконвенционален однос меѓу гледачот и делото, создавајќи близина која граничи со непријатна реалност. Новото дело „Asphyxia“ не нуди никаков очигледен предзнак или корисен наратив – неизбежно монументална, „главата“ се соочува со гледачот и со неговите сосема лични моменти, но и општо, со човечките димензии, додава Гулиас.

„Арт капитал“ секоја година се одржува во унгарскиот град Сентандреја и фокусот му е современата уметност. Годинава тема на фестивалот е  „Односот на современото човештво кон природата и копнежот по изгубениот рај: идејата за библиската градина Еден“.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *