Игор Станојоски добитник на „Рациново признание“ за романот „Диссомнии“

Игор Станојоски за романот „Диссомнии“ во издание на „Антолог“ е добитник на наградата „Рациново признание“ за 2018 година. Одлуката била донесена едногласно од жирито – Луан Старова (претседател) и Венко Андоновски и Христо Петревски (членови). „Почесно Рациново признание“ годинава ќе добијат Дијана Влатковиќ и Борјана Прошев-Оливер од Хрватска за Хрватско-македонскиот речник.

Одлуките за наградите беа соопштени денеска во пресрет на 55. „Рацинови средби“ кои ќе почнат утре и ќе завршат на 15 јуни. Организацискиот одбор прес-конференцијата ја одржа во Скопје наместо во Велес како во минатите години затоа што се одбележуваат три јубилеи – 110 години од раѓањето на Кочо Рацин, 75 години од неговата трагична смрт и 55 години од манифестацијата „Рацинови средби“.

За наградата „Рациново признание“ годинава пристигнале 20  дела од прозна продукција кои, според претседателот на жирито Старова, се квалитетни и со естетски и тематски вредности. Во потесен избор биле книгите на Велко Неделковски, Драги Михајловски и Јагода Михајловска-Георгиева.

– Романот „Диссимнии“ се зафаќа со мошне сложена проблематика, проникната со автобиографски елементи, нараторот е и лик, активен протагонист во времето на скорешните драматични историско-политички настани во Украина, роман во кој со тие настани е преплетена и неговата интима, неговата лична и семејна драма, а во контекстот на колективната македонска судбина. Авторот покажува вешта раскажувачка стратегија. Тој успева со динамична и уверлива нарација да го придобие читателот во комплексното книжевно четиво преполно со непредвидливи настани, рече Старова.

Авторот Станојоски верува дека членовите на комисијата во „Диссомнии“ ја препознале универзалноста на романот и  не го затвориле, како што рече, во рамките на украинското или македонското општество.

– Голем дел од случувањата опишани во романот, како и дилемите на ликовите, се исклучително актуелни и во Украина, и во Македонија, и во многу други земји. Обоените револуции, психолошката војна, влијанието на новите облици на пропагандата врз психологијата на поединецот во 21 век, лажната борба за демократија – се релативно нови теми кои светската книжевност уште не стигнала да ги обработи. Покрај нив, „Диссомнии“ допира и до сосема други теми и чувствителни точки, какви што се последиците од загубата на блиските луѓе, човечноста, неверството, привиденијата, кревкоста на човекоковиот ум и неговата зависност од сонот, рече Станојоски.

Посочи дека во неправедно општество како нашето наградите може да претставуваат и лажен патоказ кога се доделуваат незаслужено, не според квалитетот на делото, туку според реномето на авторот или според неговите пријателски врски со жирито.

– Таквите случаи создаваат лажна претстава за слаб квалитет на целокупната национална книжевна продукција. Верувам дека „Рациновото признание“ годинава на читателите ќе им даде точен патоказ кон квалитетната македонска литература, истакна наградениот автор, додавајќи дека писателите не смеат да се предадат во ова време на хиперпродукција на текстот и, како што рече, претежно бесмислени статии на портали и фејсбук, и луд занес дека секој може да напише семоќен тескт со кој ќе повлијае врз случувањата. Семоќниот роман е тој што, според него, како тивка вода може да помести нешто во општеството. – Се надевам дека „Диссомнии“ е таква тивка вода, рече Станојоски.

Наградата „Антологија на болката“ за електронска објава ќе ја добие Емилија Каранфиловска за „Изградив дом во твојот поглед“.

На годинашните добитници наградите ќе им бидат врачени на свеченото затворање на „Рациновите средби“ в петок во Велешкиот театар. Манифестацијата ќе почне утре со посета на Спомен-обележјето на Лопушник каде што Рацин загинал во 1943 година, а  задутре ќе продолжи со неколку настани – промоции, концерт и изложба. Свеченото отворање задутревечер од 20.30 часот во Велешкиот театар  каде што ќе се одржи поетски митинг со учество на поети од Македонија и од странство. На 15 јуни ќе има меѓународна конференција за Рацин и македонскиот јазик, ќе биде посетена Спомен-куќата на Рацин и ќе заврши со врачувањето на наградите за 2018 година.

Претседателот на Организацискиот одбор, градоначалникот на Велес Аце Коцевски, на прес-конференцијата рече дека целта им е да ги вратат „Рациновите средби“ на пиедесталот и да бидат еднакво важна манифестација како Струшките вечери на поезијата и Охридско лето. Според него, во изминатите неколку години оваа манифестација не го имала заслуженото место.

– Мора да се избориме за вистински вредности наместо шундот што ни се пласира, истакна Коцевски, додавајќи дека Рацин е ненадминат македонски поет, а неговата стихозбирка „Бели мугри“ е мала по обем, но огромна по значењето.х