Мицкоски на средба со граѓани во Куманово

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски оствари посета и средба со граѓани во Куманово.

Тој посочи дека во моментов владее политичка влада која секој втор збор што го кажува лаже, и единствено што добија граѓаните се разочарувања и неисполнети ветувања.

– Го слушам Зоран Заев како гордо им кажува на граѓаните да не се плашат ќе го наполни буџетот и ќе обезбеди 3,2% раст, а токму денес излезе податокот за растот на БДП во првиот квартал и тој е еднаков на 0,1%. Имајќи ги предвид капацитетите и нивната креативна моќ за лажење и ова 0,1% не е за верување, можеби бил негативен па морале да го штелуваат, истакна Мицкоски.

Мицкоски за изјавите на Заев дека одлична е наплатата на ДДВ и персонален данок, потенцираше дека тоа е заради затоа што странската инвестиција која што ја донесе владата на ВМРО-ДПМНЕ, „Џонсон Мети“ оваа година во буџетот на Република Македонија откако им заврши десетгодишниот договор за повластени даночни стапки уплати повеќе 30 милиони евра, пари кои ќе помогнат граѓаните да земаат плати и пензии.

– Сите се сеќаваме како Заев и таа армадила неспособници околу него така силно ги напаѓаа странските инвестиции. Сега е јасно дека зошто. Во странските компании се напредува по мерит систем секој оној кој што вреди, ќе даде максимум, кој што поседува знаење и техники ќе напредува. Тоа на Евро Заев му е непозната равенка, тој е навикнат на тендери, на хектари земјишта, на плантажи со марихуана и камионите од неговата семејна фирма, нагласи претседателот Мицкоски.

Потенцираше дека ВМРО-ДПМНЕ цело лето, есен и зима ќе биде на средби со граѓаните низ цела Македонија и слушајќи ги нивните барања ќе се добие програма која ќе ги реши вистинските проблеми на граѓаните.

Тој пред присутни презентираше и мерки кои ќе бидат дел од новата програма на ВМРО-ДПМНЕ како даночно олеснување од нула до 100% за сите економски оператори кои што дел од својата добивка ќе вложат во обнова на својот технолошки парк и ќе обезбедат нови вработувања, 500 загарантирани вработувања на дипломираните студенти, а за еден 4 годишен мандат 50% зголемување на платата на вработените во образованието и 40% зголемување на пензиите.

– За сите оние компании кои што ќе вработуваат нови луѓе ќе имаме низа даночни ослободувања, пакет мерки од 0 до 100 проценти. Како нова мерка која ќе ја спроведеме е обезбедување на загарантирано вработување на 500-те најдобри студенти во државата. Образованието е значајно, и ќе посветиме многу внимание на мотивација на наставниот кадар, при што ќе обезбедиме зголемување на нивните плати до 50 проценти, истовремено на сите граѓани кои се во најубавиот период пензионерските денови предвидовме методологија со кој за еден 4 годишен мандат пензиите ќе им ги зголемиме за 40 проценти. Нема да го заборавам здравството каде ќе отпочнеме сеопфатен процес на преродба и добивање на нов лик на македонското здравство, рече Мицкоски.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *